Спроведување на Стратегијата на Владата за соработка со и развој на граѓанското општество 2022-2024 – Извештај за спроведување на активностите во 2023 |
Истражувања и публикации |
Автор: Валентина Величковска Стратегијата на Владата на Република Северна Македонија за соработка со и развој на граѓанското општество 2022-2024 има за цел да обезбеди поттикнувачка и одржлива околина во која функционира и се развива граѓанското општество што овозможува динамични, независни, активни и одржливи граѓански организации коишто придонесуваат во зајакнување на демократското управување, ги рефлектираат интересите и потребите на граѓаните и се вклучуваат во структурен дијалог за унапредување на општеството. Во 2007 година Владата ја усвои првата Стратегија за соработка на Владата со граѓанскиот сектор со Акциски план 2007-2011, поставувајќи ги основите на нејзината соработка со граѓанските организации. Во 2012 година беше усвоена втората Стратегија за соработка на Владата со граѓанскиот сектор со Акциски план 2012-2017 чија цел беше промовирање, поддршка и унапредување на партнерските односи помеѓу Владата и граѓанското општество, преку мерки за зајакнување на заемната соработка. Третата владина Стратегија за соработка со и развој на граѓанскиот сектор 2018-2020 требаше да овозможи понатамошно унапредување на соработката и поттикнување на развојот на граѓанското општество, како коректив на политиките, сервис на граѓаните и канал за солидарност, партнер на државата и бизнисот и двигател на ЕУ интеграцијата. Во тек е спроведувањето на четвртата Стратегија која го опфаќа периодот 2022-2024 година. Овој извештај се однесува на спроведувањето на Акцискиот план и Стратегијата за соработка меѓу Владата и граѓанското општество во 2023 година. Извештајот се базира на онлајн истражување и пребарувања, анкета со 277 граѓански организации и интервјуа со граѓански организации и релевантни државни институции. Дополнително овој извештај го зема предвид и Извештајот за напредокот во спроведувањето на Акцискиот план за спроведување на Стратегијата на Владата на Република Северна Македонија за соработка со и развој на граѓанското општество 2022-2024 во 2023 изготвен од Генералниот секретаријат – организациона единица за соработка со граѓанските организации и прави споредба со нивото на спроведување на Стратегијата прикажано во тој извештај. Целта на овој извештај е да се утврди нивото на спроведување на Акцискиот план на Стратегијата на Владата за соработка со и развој на граѓанското општество 2022-2024, остварувањето на стратешките и оперативни цели и реализираните активности во 2023 г. Дополнително, извештајот дава препораки и насоки за изработка на следната Стратегија чие изготвување треба да почне кон средината на 2024 година и потребно е да се обезбеди целосно консултативен процес и вклучување на граѓанските организации. |