МИА: МЦМС промовираше нови книги од проектот „Истражувачки публикации“ |
E premte, 27 mars 2009 12:17 | |||
Македонскиот центар за меѓународна соработка - МЦМС од Скопје денеска ги промовираше книгите „Феминистички почетоци на социјалната работа“ од Биљана Страмшак, „Граѓанските организации во Република Македонија“ од Симонида Кацарска, „Односите со јавноста на здруженијата на граѓани во Македонија“ од Маријана Иванова, „Успех во 10 чекори-создавање на Локален акциски план за прашањето на хендикепот“ од Африм Илјази и „Аспектите на човековата безбедност во Македонија - стари или нови војни“ од Ивана Томовска. Гонца Јаковлеска, соработник за односи со јавност во МЦМС соопшти дека во рамки на проектот „Истражувачки публикации“ издале девет книги. Првата промоција ја направиле минатата година, а ова е втората промоција од проектот. Јаковлеска изјави дека сите публикации содржат дел со истражување, без разлика дали тоа е се примарно или секундарно истражување. - Нашата идеја беше да ги поттикнеме постдипломците да одберат теми за магистерска теза блиски до граѓанското општество. Сметаме дека на граѓанското општество му е потребна попродлабочена анализа, дискусија и дебата која ќе се базира на факти и аргументи, рече Јаковлеска. На јавен конкурс објавен од МЦМС, како што додаде таа, се пријавиле повеќе кандидати, а тие одбрале само девет. Вкупниот буџет за проектот е 730.000 денари. Извор: МИА (26.03.2009)
|