Обезбедени се 500.000 долари од донации на цркви од Западна Европа и од Америка и 200.000 долари од канадската влада. Во кумановското село Лопате има 20, а во скопското село Брњарци 12 оштетени објекти.
Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), од денес ќе започне со активности, поврзани со поправка на оштетените куќи од селата Лопате и Брњарци. По извршената категоризација и детаљна проценка на експертите во кумановското село Лопате, велат од МЦМС, има дваесет оштетени куќи, од кои оваа недела девет ќе започнат да се поправаат. Во скопското село Брњарци ќе бидат поправени сите 12 оштетени куќи кои, според експертите, се со штета од прва и втора категорија. "Првата категорија оштетени куќи се со мали оштетувања. Станува збор за дупки од куршуми, скршени брави, стакла и ќерамиди. Втората категорија се со оштетувања до 30 отсто што подразбира делумна штета од пожар и тоа може да се поправи", вели извршниот директорт на МЦМС Сашо Клековски. Обновата на куќите ќе оди, објаснува Клековски, со достава на градежните материјали до корисниците. Поправката ќе ја спроведуваат сопствениците, освен во случаи со оштета од 3. и 4. категорија, каде е направена поголема штета од пожар или, пак, е потребна градба на нов објект. "Обезбедени се 500.000 долари од донации на цркви од Западна Европа и од Америка и 200.000 долари од канадската влада. Активностите се спороведуваат во координација со Владиното тело за справување со кризи и УНХЦР и овие средства се надвор од помошта што се бара од ЕУ", вели Клековски. Тој додаде дека МЦМС веќе го поправи училиштето во Брњарци што беше погодено со граната и до почетокот на учебната година тоа беше подготвено за употреба. Целта на ваквата помош, вели Клековски, е да им се олесни враќањето на протераните лица во нивните домови, како и да се охрабрат другите организации во собирањето и донирањето на помош. (Р.Ф.)
Извор: Вести (19.септември.2001)
|