Како до фондовите на ЕУ |
E martë, 28 korrik 2009 08:29 | |||
Од 15 до 17 јули оваа година, во Охрид, МЦМС ја организира и спроведе обуката „Пристап до ЕУ фондови и подготовка на апликации“. Учесниците имаа можност да слушнат и научат повеќе за тоа кои се основните карактеристики на ЕУ фондовите, за процесот на аплицирање, потоа за логичката рамка и логиката на интервенција, за претпоставките и ризиците, за индикаторите, за буџетирањето и администрацијата и плаќањата. „Предавачите беа одлични, а материјата обемна и комплицирана за усвојување за толку кратко време“, вели Љупчо Довичински од трговското друштво за вработување на инвалидни лица „Дитрејд“ од Виница. „Не сум работел до сега на проект и ако се нафатиме да аплицираме за европските фондови ќе ни биде потребно водење низ процесот. Разбрав дека во другите компоненти на ИПА фондовите ќе има простор за аплицирање од страна на малите и средни претпријатија и тогаш ќе ги примениме знаењата и вештините стекнати на обуката“, додава тој. И за Наташа Нестороска од Организацијата на жени од Струга обуката беше доста корисна. „Имав генерални познавања за подготовка и спроведување на проекти“, вели таа. „Ни требаше ваква обука за да можеме да им пристапиме на ИПА фондовите. Обуката беше добро организирана, за три дена можевме да научиме доста работи. Обучувачите ни укажаа на што да внимаваме, на што да ставиме акцент, а дел од работите секако ќе ги градиме со искуството. Посебно ми се допадна тоа што обуката беше интерактивна и што за секое делче од теоријата работевме практична вежба. Мислам дека заради практичната работа она што го научивме повеќе ќе ни остане во сеќавање“, вели Наташа Нестороска. Обуката ја спроведоа Фатмир Битиќи и Тања Хафнер Адеми, обучувачи на МЦМС.
|