Граѓанското општество ги предизвикува јавните авторитети |
E mërkurë, 29 prill 2009 08:35 | |||
Амбициозниот настан насловен како Љубљана конгрес „Граѓанското општество ги предизвикува јавните авторитети“ се одржа во Љубљана во периодот 16-18 април 2009 година, во организација на Европското движење, а со поддршка на Парламентот и Владата на Словенија, Европската комисија и градот Љубљана. Целта на Конгресот е да се развијат препораки за националните власти во западен Балкан и Турција, како да го поддржат граѓанското општество во нивните земји. На овој конгрес му претходеа три конференции во Брисел, Љубљана и Задар за улогата на граѓанските организации (ГО) во земјите од ЈИЕ. Конгресот собра околу 200 претставници на ГО, парламентите и Владите од регионот. Од Македонија учествуваа претставници од МЦМС (Сашо Клековски) и три други организации, како и Јани Макрадули, потпретседател на Собранието и Ивица Боцевски, заменик претседател на Владата. Клучни делови од Конгресот беа телевизиските дебати во Парламентот на Словенија со претставниците на парламентите и Владите. Г-н Јани Макрадули говореше за примери на партиципација на ГО во собраниската работа и изрази спремност за поголема вклученост на ГО во донесувањето на закони. Г-н Ивица Боцевски пак вниманието го привлече со ставовите за потреба од слобода на движење на луѓе (визна либерализација) како основа за развој на граѓанското општество. Од другите искуства најмногу внимание привлече Хрватска со „хрватскиот модел“. Според информациите од Невен Мимица, претседател на Одборот за ЕУ интеграции во Хрватскиот парламент и претставниците на Владата на Хрватска, 102 граѓански организации во Хрватска се вклучени во работата на 22 од 34 собраниски одбори, а од Буџетот се издвоени над 80 милиони евра за програмите на ГО. Конгресот заврши со изјава „ Граѓанското општество и политиката: Трансформација на предизвикот во можност“. И покрај големата вклученост на Павел Гантар, Претседател на Словенечкиот Парламент, Борут Пахор, Премиер на Словенија и Зоран Јанкович, градоначалник на Љубљана, конгресот постигна делумен успех. Учеството беше делумно намалено заради совпаѓање на конгресот со Велигден, но повеќе поради отсуство на поддршка на темата. Повеќето парламентарни и владини учесници од регионот учествуваа само на телевизиската дебата, поради што недостасуваше суштински дијалог меѓу ГО и властите.
|