Реновирање на основно училиште во село Добрушево - извршно резиме |
Во текот на октомври 2006, Сокотаб Франа СА од Швајцарија воспостави контакт со МЦМС со цел соработка за реализација на проект за реновирање на основни училишта во Република Македонија. Во текот на 2007 година МЦМС ја оствари оваа соработка и успешно реализираше проекти за реновирање на санитарните јазли во две основни училишта (во с. Долно Количани и с. Добрушево). Оваа година, Сокотаб повторно обезбеди финансиска поддршка за реновирање на истите училишта. Селото Добрушево е рамничарско и се наоѓа во североисточниот дел на битолското поле, чиј атар се допира со територијата на општина Прилеп. Во селото живеат 624 жители во 181 домаќинства. Училишниот објект (зграда) во с. Добрушево е изграден во 1966 година и од тогаш не е направено поголемо обновување. Во моментов главен проблем претставува внатрешната електрична инсталација, самите ѕидови, подовите и плафоните. Општа цел на проектот е подобрени услови за учење и работа за учениците и персоналот во основното училиште. Цел на проектот е да се доведат условите во училниците и другите внатрешни простории во основното училиште Браќа Миладиновци до прифатливи стандарди во согласност со големината и конструкцијата на училиштето. Очекуван резултат од проектот е реконструирани училници и други работни простории во објектот (училишната зграда) на ОУ „Браќа Миладиновци“. Целна група на проектот се учениците од основното училиште. Директни корисници се 112 ученици и 18 вработени до воспитно-образовниот кадар на училиштето. Активности преку кои ќе се постигне овој резултат се: Изработка на техничка документација и нејзина ревизија; Подготовка и спроведување на тендер за избор на изведувач; Изготвување на целокупната документација за поддршка и финансирање на проектот кој ќе опфати (реконструкција на електричната инсталација, внатрешните ѕидови, подови и плафони); Избор на стручен надзор; Координација и соработка со сите вклучени актери; Набљудување и мониторинг; Известување (тековно и завршно) и оценување. Претпоставки кои влијаат и придонесуваат кон остварување на општата цел се: учениците и персоналот правилно и соодветно ја користат електричната инфраструктура; и физичките оштетувања на ѕидовите и подовите се сведени на минимум. Претпоставка на ниво на резултати е училиштето ги одржува реновираните простории и навремено ги обезбедува потребните хигиенски средства за нивно одржување. Информации за проектот ќе се достават до: Јавноста преку медиумите и информативните изданија на МЦМС, Општина Могила, месна заедница Добрушево, Министерството за образование и наука (секторот за капитални инвестиции), Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС). МЦМС има одговорност за спроведување на проектот и донесувањето одлуки. Активноста ќе ја спроведе тим од вработените во МЦМС заедно со вклучени претставници од општина Могила, ОУ „Браќа Миладиновци“, МЗ с. Добрушево, како и потребните надворешни актери (надзор, изведувач, стручни соработници и сл.). Во текот на спроведување на проектите МЦМС ќе врши набљудување на проектните активности. За контрола на градбата и инсталатерско-занаетчиските работи ќе биде ангажиран стручен градежен надзор кој ќе обезбеди техничко контролирање на изведбата. Известувањето ќе се одвива преку организациско и проектно известување. Временскиот период на спроведување на проектот е од 1 јуни до 15 октомври 2008 г. Буџетот изнесува 2.933.622 МКД. Сите средства се донација на Сокотаб Франа Са од Швајцарија (www.socotab.com) и друг донатор-партнер на Сокотаб Франа Са.
|