| Коруптивниот притисок расте, а отпорот на граѓаните слабее |
|
|
|
| E martë, 09 dhjetor 2025 20:04 | |
|
Последното истражување за проценка на корупцијата на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) потврди дека корупцијата останува еден од најсериозните општествени предизвици во Северна Македонија. Новите податоци укажуваат на влошување на состојбите.
Желбата за брзо лично богатење на оние на власт, неефикасното судство, слабиот административен надзор, непочитувањето на законите и недоволната заштита на пријавувачите се најчестите причини за распространетоста на корупцијата кои ги наведуваат граѓаните. Овие ставови потврдуваат дека корупцијата се доживува како системски, а не како поединечен проблем. Во 2025 година, 36,7% од граѓаните биле изложени на коруптивен притисок, а 30,6% биле вклучени во корупција, што претставува пораст од над пет процентни поени во споредба со 2023 година. Проекциите покажуваат дека речиси 536 илјади полнолетни граѓани барем еднаш биле соочени со барање за поткуп, а повеќе од 448 илјади граѓани дале поткуп барем еднаш изминатата година, што укажува на широка распространетост на административната корупција. Од друга страна, корупцијата и понатаму останува неказнива – во 2024 година само 73 лица биле осудени за злоупотреба на службена положба или поткуп, што претставува стапка на институционална ефикасност од 0,016% во однос на претпоставените случаи на корупција. Прифатливоста на корупцијата е во пораст. Иако мнозинство од испитаниците (53,7%) не прифаќаат никаква форма на коруптивно однесување, сепак за 46,3% таа е прифатлива. Ова е значителен пад во споредба со 2023 година, кога две третини од населението изјавиле дека корупцијата е неприфатлива. Проекциите покажуваат дека за 677.763 полнолетни граѓани во Северна Македонија корупцијата е прифатлив начин на однесување. Во споредба со претходните истражувања, овој број е значително зголемен, што претставува сериозен проблем за развојот на антикорупциските политики, бидејќи коруптивното однесување лесно може да биде злоупотребено од политички или бизнис-фактори. И подложноста на корупција е на највисоко ниво во последната деценија. Во 2025 година 45% од граѓаните се подложни на корупција, односно се подготвени да прифатат или дадат поткуп во одредени околности, додека само 26% не се подложни под никакви услови. Останатите 29% имаат мешан став. Проекцијата врз полнолетната популација укажува дека 515.471 граѓанин не е подложен на корупција, додека 660.180 граѓани би платиле доколку нема друг начин да го решат проблемот. Песимизмот кај јавноста е висок. Во 2025 година, 78,9% од граѓаните очекуваат дека коруптивниот притисок ќе продолжи и во иднина, што покажува дека граѓаните не гледаат значаен простор за подобрување во блиска перспектива. Во поглед на ефикасноста на антикорупциските политики, 66,6% сметаат дека корупцијата не може значително да се намали, а само 33,2% веруваат дека може да биде намалена или искоренета. Ваквиот песимизам можеби претставува опасност за поттикнување повисоки стапки на прифатливост и вклученост во корупција. Перцепциите за корупцијата и понатаму се високи. Дури 69% од граѓаните сметаат дека повеќето или речиси сите службеници се корумпирани, што е мало подобрување во однос на 2023 година, но сè уште укажува на широко распространето чувство на недоверба. Судиите (78,6%), јавните обвинители (74,6%) и полициските службеници (69,8%) се професиите со највисока перцепција на корумпираност. Истовремено, перцепцијата за корупција во институциите покажува промена на фокусот. Судството (73,1%), обвинителството (64,1%) и царината (64,0%) остануваат на врвот, додека забележливо е намалување на негативната перцепција за Владата (од 75,6% на 50,8%) и Собранието (од 74,9% на 48,2%), што може да се толкува како сигнал за намалување на општиот политички песимизам меѓу граѓаните. Министерството за внатрешни работи и Владата уживаат најголема доверба како институции за справување со корупцијата. Во 2025 година, МВР добива најголема доверба меѓу граѓаните како институција што може успешно да се справува со корупцијата (50,3% целосна или делумна доверба), а веднаш зад него е Владата со 47,4% доверба, што претставува значителен пораст во однос на 2023 година. Судовите (86,3% недоверба) и јавното обвинителство (77,3%) и понатаму се сметаат за најнеефикасни и најнедоверливи институции во справувањето со корупцијата. Во останатите тематски делови, извештајот укажува на низа системски ограничувања. Иако законската рамка се подобрува, нејзината примена е ограничена. Процените на ризици од корупција често се формални, без јасна врска меѓу идентификуваните ризици и преземените мерки. Во економската сфера, извештајот укажува на продолжени коруптивни ризици во јавните набавки, каде конкуренцијата е ограничена, а критериумот „економски најповолна понуда“ се применува многу ретко. Кај стратешките инвестиции, недостигот од детални информации за доделувањето договори и нецелосното усогласување на законите за концесии и јавно-приватни партнерства со европските стандарди претставуваат значаен ризик за нетранспарентност. Граѓанскиот сектор продолжува да игра важна улога во мониторингот, известувањето и застапувањето, но се соочува со намалена донаторска поддршка и ограничени институционални ресурси, што го отежнува континуитетот на активностите. Истражувањето е спроведено врз основа на Системот за следење на корупцијата (ССК), кој ги комбинира податоците од национална анкета и други квантитативни и квалитативни извори. Националната анкета е спроведена телефонски, на репрезентативен примерок од 1.000 испитаници, од М-Проспект во периодот помеѓу 4 и 25 јуни 2025 година. Податоците од истражувањето се презентирани во Извештајот за процена на корупцијата во Северна Македонија 2025. Ова е седми извештај подготвен од МЦМС врз оваа методологија. Извештајот е подготвен во рамки на проектот „Граѓанско општество за добро владеење и антикорупција во Југоисточна Европа: Градење капацитети за застапување врз основа на докази, влијание врз политики и граѓански ангажман (СЕЛДИ.нет)“, поддржан од Европската Унија.
|