| 32 години посветена работа за подобро општество |
|
|
|
| E diel, 14 dhjetor 2025 12:26 | |
|
Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) денес одбележува 32 години од основањето.
Основана во периодот на создавање на независната држава, организацијата повеќе од три децении останува посветена на истата мисија: да поттикнува и да води промени што им служат на граѓаните – особено на оние што најмногу имаат потреба од поддршка. Во изминатите години, МЦМС ја обликуваше својата улога преку промовирање демократија, добро владеење, социјална инклузија и поддршка на граѓанскиот сектор. Денес, со повеќе од 1.710 реализирани проекти и над 77 милиони евра насочени кон граѓаните, организациите и институциите, организацијата стои зад резултати кои трајно го менуваат општеството. Нашата работа секогаш била заеднички напор. Голем дел од постигнувањата ги создадовме во партнерство со граѓански организации, институции, медиуми и активни граѓани. Тоа е препознатливата одлика на МЦМС – да обединува, да создава капацитети и да гради силно граѓанско општество што може да се справи со постојните и со новите предизвици. Предизвиците и денес не се помали: борбата против корупцијата, социјалната инклузија и поларизацијата остануваат клучни теми за кои се потребни и експертиза и истрајност. Но, како и досега, ние остануваме тука – подготвени да придонесеме со капацитетите што ги имаме, со знаењето, искуството и посветеноста. Минатата година, како и низ историјата на МЦМС, ја покажавме нашата способност да се адаптираме и да делуваме таму каде што е најпотребно. Од поддршка на ранливи заедници, преку градење партнерства на национално и регионално ниво, до јакнење на отпорноста на институциите и општеството – продолжуваме да вложуваме во долгорочни решенија. На 32-от роденден, нашата порака е иста како првиот ден: да создадеме подобро, поправедно и похумано општество. Им благодариме на сите соработници, партнери и пријатели кои со години ја делат оваа мисија со нас. Заедно продолжуваме вредно да работиме за општество во кое секој граѓанин може да живее достоинствено. МЦМС останува силна, стабилна и посветена на промените што носат добро за сите.
|