Развојната соработка и интеграцијата во ЕУ |
E martë, 21 tetor 2008 01:00 | |||
Денес и утре, во Инфо центарот на ЕУ се одржува регионалната конференција Развојната соработка во контекст на ЕУ интеграциите. „Денес влегуваме во сферата која беше зад хоризонтот“, рече во своето поздравно обраќање Ивица Боцевски, Заменик на Претседател на Владата на Република Македонија. Конференцијата ја организираат МЦМС, Хелсиншкиот комитет за човекови права и Триалог од Австрија. „Владата е отворена за инпут од граѓанските организации за прашања за развојот“, рече меѓу другото Боцевски додавајќи дека односот меѓу Владата и граѓанските организации е клучен за полно остварување на развојните капацитети на земјата. Тој додаде дека Владата и граѓанските организации „имаат ист бизнис, различни страни но иста цел – економски, човечки и културен развој на Македонија.“ Конференцијата овозможува за прв пат да се разговара за развојната соработка на Република Македонија во контекст на нејзиното приближување кон Европска Унија. Ќе бидат презентирани релевантни ЕУ политики, структури и институции како и искуства од новите земји членки на ЕУ од Централна и Источна Европа. Исто така, ќе се разговара за состојба и потребите на Македонија во овој процес. Конференцијата ќе понуди презентации и можности за дебати на неколку теми: Политиката на Европската комисија кон меѓународната помош; Улогата на македонските граѓански организации за предпристапните инструменти (ИПА); Целите и активностите на развојната едукација и подигањето на јавната свест за развојните прашања; Капацитетот на македонските граѓански организации за вклучување во меѓународниот развој итн. На Конференцијата присуствуваат 40-тина претставници на граѓански организации, министерства, јавни институции, општини, развојни агенции, меѓународни организации, универзитети и други.
|