Построги закони и подобар стандард можат да ја подобрат безбедноста во земјата |
![]() |
![]() |
![]() |
E mërkurë, 12 shkurt 2025 10:04 | |||
Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) ја проверуваше перцепцијата на граѓаните за безбедноста, како личната, така и општо, во државата. Истражувањето е составено од два дела, а во првиот дел се обработени прашањата поврзани со безбедносната загрозеност, факторите кои влијаат на тоа, областите во кои треба да се инвестира како и за безбедноста на жените и мажите. Истражувањето покажа дека мнозинство од граѓаните (59,8%) сметаат дека безбедноста во земјава е многу или главно загрозена. Меѓу нив, побројни се жените. Загриженоста опаѓа со зголемувањето на степенот на образование од 67,0% кај оние со незавршено основно до 47,2% кај испитаниците со завршено високо образование. Прашани со кои активности може да се надмине безбедносната загрозеност, 64,0% од испитаниците целосно се согласиле со изјавата построги закони и поголема дисциплина помеѓу граѓаните. Големо мнозинство од 91,7% се согласни (потполно или делумно) дека тоа може да се направи со подигнувањето на стандардот на граѓаните што и дава економска димензија на безбедноста. Двете области во кои треба најмногу да се инвестира за да се намали безбедносната загрозеност се јакнењето на институциите (21,8%), вложувањето во луѓето кои се дел од системот на безбедност преку зголемување на плати и набавки на опрема (19,4%). Невработеноста и сиромаштијата (57,9%), појавата на локален тероризам и вооружен бунт (52,0%) и меѓуетничките тензии (51,3%) се факторите кои можат да влијаат на безбедноста. Голема е согласноста (потполна или делумна) и кај поддршка за факторите како што е нивото на демократија, задолженоста на земјата и порастот на политичката поларизација. Корупцијата, организираниот криминал, иселувањето во странство и финансиската задолженост ги прави многу загрижени мнозинство од граѓаните на Северна Македонија. Речиси половина од граѓаните се многу загрижени заради злоупотребата на дроги, а околу една третина, заради „белата чума“, односно депопулацијата на населението. Нема мнозински афирмативен одговор на прашањето за безбедноста на жените во бракот, на работа или на улица. Најмногу потврди одговори има за безбедноста на жените во бракот, потоа на работа и на крај, на улица. За разлика од прашањето за безбедноста на жени, кога е во прашање безбедноста на мажите, сите афирмативни одговори се мнозински. Најголем број (64,2%) сметаат дека мажите се безбедни во бракот. Овој процент се намалува кај безбедноста на работа на 59,7% и уште повеќе кај безбедноста на улица (54,4%). За МЦМС, анкетата ја спроведе М-Проспект. Податоците беа прибирани со телефонска анкета која е спроведена на национален репрезентативен примерок од 1000 испитаници.
|