Новинарите од Тетово, Гостивар и Дебар раскажаа 20 приказни за дискриминација на нивните сограѓани |
E mërkurë, 27 shtator 2023 10:29 | |||
Младиот Дритон, дипломиран правник, , сé уште не може да се вработи заради неговиот хендикеп; самохраната мајка Албана добила социјален стан на четврти кат, во зграда без лифт, па мора секој ден на раце да ја симнува и качува по скалите својата ќерка која има церебрална парализа; Живка се занимава со земјоделие, но поради стереотипите и предрасудите кон жените земјоделки тешко доаѓа до имот на свое име, не може да го оствари правото на платено боледување, платено породилно отсуство; дел од жителите во ромските населби од Гостивар и Тетово со години наназад се дискриминирани бидејќи не можат да добијат лични документи. Ова се дел од дваесетте приказни во кои се зборува за различни видови дискриминација. За нивна реализацијата, грантистот на МЦМС, здружението Церебрална парализа од Тетово обедини десет новинари од Тетово, Гостивар и Дебар. Тие немаа лесна задача но успеаја да ги прикажат случаите на дискриминација на поинаков начин од оној вообичаен и карактеристичен за дневното информирање. „Шест месеци работевме на проект поврзан со известување за проблеми со различни видови дискриминација кои за жал не се ретки, како и за проблемите со кои секојдневно се соочуваат лицата со попреченост. За новинарите направивме обуки на кои ги насочививме на темата дискриминација да ѝ приоѓаат на еден поинаков, иновативен начин. Одбравме да се занимаваме со иновативното известување кое носи поголема креативност во раскажувањето и презентирањето на темите, секогаш внесува одредена наративна емоција, и можеби најважно во фокусот го става човекот. Воедно, се нагласува неговиот проблем и како тој се рефлектира во секојдневието соочен со бројни искушенија кои се појавуваат во средината каде што лицето живее и работи. Сите стории и телевизиски прилози кои произлегоа од работата на проектот успеаја да се одлепат од известувачкото новинарство и да имаат покреативен односно иновативен пристап до темите кои ги обработуваа. Иако, не секогаш беше едноставно да се разбере потребата и начинот на кои темите треба да се презентираат, сепак, сметаме дека новинарите ја разбраа потребата од почесто истражување и пишување на теми поврзани со различните видови дискриминација како императив за подобрување на условите за лицата со попреченост и како неопходност за развивање на едно поотворено и подемократско општество“, вели Јасмина Миронски, соработник и ментор на проектот. „Јас сум дел од тимот во телевизијата ТВ2 од Гостивар. Како новинари ние секој ден сме во трка со времето да го напишеме текстот што побрзо, да ги монтираме снимените материјали, да ги подготвиме вестите на време. Наспроти ова, начинот на кој ги пишував сториите за проектот „Иновативен начин на известување во медиумите за дискриминацијата“ беше поинаков од тоа што го работиме секојдневно. Тоа не е нешто што ќе го сработам брзо, ќе го ставам на социјалните мрежи и ќе добивам лајкови. Ова е нешто што бара длабоко да се навлезе во проблемот, да се живее за мигот, детално да ги запознаеме луѓето, што некогаш и забораваме дека постојат, да ги разбереме нивните проблеми и предизвиците со кои тие се среќаваат. Проектот мене, како новинар, многу ми помогна, прво да се сензибилизирам самата, а потоа на нашите гледачи од телевизијата да им ги пренесам проблемите и потребите на лицата кои претрпеле дискриминација. Сфатив дека на овие луѓе кои биле или се дискриминирани, не треба да се сетиме само кога работиме на проекти, туку новинарите треба да придонесуваат за актуализирање и решавање на нивните проблеми, исто како и за секој друг граѓанин на оваа држава. Но, од реакциите што ги добивме од гледачите разбравме дека луѓето ги интересираат вакви теми и дека треба почесто да пишуваме за дискриминацијата и тоа токму на овој иновативен начин“, вели Гзиме Имери, новинарка во гостиварската телевизија ТВ2. Во проектот беа опфатени пет новинари кои работат во локални телевизии, четири новинари од електронски портали и еден новинар кој работи во локално радио од Тетово, Гостивар и Дебар. Со нив беа направени еднодневни обуки како да го применуваат иновативниот пристап во информирањето кога пишуваат на теми за дискриминацијата и потоа работеа на истражување и подготовка на сториите за дискриминација. „Користењето на иновативниот начин за создавање на приказни , ми помогна да увидам дека има потреба преку новинарскиот текст да се укаже на потребата од промена во оштеството односно да се бара и дојде до решение на проблемот со кој се соочуваат дискриминираните поединци или групи. Најважно беше што на прво место се става човекот, поединецот, проблемите со кои се соочува и како ние како новинари да му помогнеме да најде решение. Нарацијата која се користеше во овој иновативен начин на известување сметам дека привлече повеќе читатели. Раскажувањето е начин да се долови со што се соочуваа некој наш сограѓанин за кој можеби знаеме дека има одреден проблем во животот. До сега, за дискриминацијата сум пишувал претежно дневни вести. Секако, овој проект ќе биде поттик за обработка на повеќе вакви стории кои треба што повеќе да допрат до читателите но и да го сензибилизираат општеството да ги надминува состојбите кои создаваат дискриминација“, посочува Александар Самарџиев, новинар и уредник на порталот „Тетовоинфо“ од Тетово. На крајот, проектот „Иновативен начин на известување во медиумите за дискриминацијата“ има своја одржливост бидејќи наученото, односно стекнатото искуство на оваа тема новинарите и понатаму ќе го користат во својата редовна работа. Исто така, Прирачникот за начините за иновативно известување, кој беше подготвен во оваа прилика, ќе му помогне на секој новинар кој ќе изрази желба да го применува овој начин на известување во својата работа. Проектот се реализира во рамки на програмата „Комисијата за антидискриминација ја извршува својата превентивна и заштитна улога“, која ја спроведува Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), со финансиска поддршка од Европската Унија.
|