Преку обуки за претприемништво до вработување на младите |
E martë, 07 shkurt 2023 16:14 | |||
Десет средношколци од општина Могила беа дел од обуката за претприемништво што ја организираше Здружението за меѓународна младинска соработка „Интерактив“ – Битола на 23 и 24 јануари оваа година во едукативниот центар Едусфера – Битола. Учесниците учеа за претприемништвото, за можностите за создавање сопствен бизнис и за начините на вклучување на пазарот на труд. „Ваквиот тип на обуки навистина им помагаат на младите, а особено се значајни за луѓе кои доаѓаат од рурални средини каде што имаат ограничен избор на работа со која би можеле да се занимаваат. Треба да се организираат што повеќе вакви обуки не само за претприемништво туку и во други области“, вели мобилизаторот на заедницата, Мартин Ристевски. Со сличен став е и неговата колешка, мобилизаторката Ангела Ристевска. „Навистина се радуваме што изминатиов период се сретнавме со млади лица кои што за прв пат посетуваат обука. Преку овој проект ќе бидат обучени околу 60 млади лица кои по обуката ќе имаат појасна слика за тоа како да најдат работа или пак да основаат свој бизнис“, изјави Ристевска. Според податоците од пописот во 2021 година, во општина Могила има 310 лица на возраст од 14 до 19 години, 285 лица од 20 до 24 години и 314 лица на возраст 25 до 29 години. Во споредба со податоците од пописот во 2002 година, населението од овие категории во општината се намалило од 19% до 41%, при што најголем е падот кај најмладите. Ова ја покажува тенденцијата на иселување на младите од таа општина заради мали или никакви можности за вработување и самовработување, како и невклучување на младите во програмите за развој и поддржување на активни мерки за претприемништво или подобрување на работните вештини на младите. Во наредниот период здружението „Интерактив“ ќе ги обучи младите како да ја направат нивната биографија и да напишат мотивациско писмо, и како да се подготват за интервју за работа. Спроведувањето на обуката е овозможено со проектот „Поддршка на изборните реформи во Северна Македонија“ на Владата на Швајцарија кој го спроведува Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС), а грантовите ги администрира Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС).
|