Бизнис секторот заинтересиран за соработка со граѓанските организации |
E mërkurë, 30 shtator 2020 20:53 | |||
„Соработката меѓу граѓанските организации и бизнисите е модел кој е докажано дека функционира“, рече Фрејк Јанмат, од Делегација на Европска Унија на отворањето на онлајн настанот на Граѓанскиот ресурсен центар кој се однесуваше токму на важноста од оваа соработка. Тој ги сподели искуствата од регионот каде во претпристапните преговори со ЕУ, граѓанските организации и бизнисите ги сплотуваат силите и заеднички делуваат особено во реформите кои се предвидени. Кризата предизвикана од коронавирусот послужи за дел од компаниите да го препознаат ангажманот на граѓанските организации и во нив си најдоа долгорочни партнери. За придобивките од заедничкото делување говореа претставници од здружението „Банка за храна“ и компанијата Тинекс. Душко Христов од „Банка за храна“ ги сподели бројките од активностите на организацијата за време на пандемијата и посочи дека од март досега донирале над 160 тони храна на 14.500 семејства кои се во социјален ризик. Иако здружението и вообичаено се бави со редистрибуција на вишокот храна, потребите и ангажманот значително им се зголемиле. Соња Бојаровска од Тинекс раскажа за почетоците на соработката со „Банка за храна“, но посочи и други соработници како Детската клиника Козле, Дневниот центар во Шутка и социјалното претпријатие „Избор“ во Струмица. За време на кризата од пандемијата, компанијата исто така спроведува акција преку донаторски пакети кои хуманите потрошувачи можат да ги купат, а Тинекс потоа ги донира. За оваа соработка, Христов посочи дека чесниот пристап, истрајноста и посветеноста се главните вредности врз кои се изградило партнерството. Тој исто така истакна дека важно е организациите да пристапуваат како мрежа или коалиција бидејќи тогаш претставуваат повеќе луѓе и стануваат поважен партнер. За своите искуства говореше и Александра Петровска Горин од Фармахем. Од почетокот на кризата, компанијата се претплатила за сите наредни броеви на списанието Лице в лице, со што ги поддржале продавачите на ова списание. Меѓу другите соработки со граѓанските организации ги спомна и СОС Детско село и Сојузот на извидници. Според неа, врвниот менаџмент на компанијата е оној кој треба да поддржи општествено одговорни активности и дека Фармахем е веќе препознаена како таква компанија, па често се случува да им пристапат за помош. Бесир Дерњани од Фондацијата Албиз го сподели искуството од работење во организација која е основана од 15 бизниси со цел истите да практикуваат општествена одговорност. „Потребна е доверба и транспарентност за компаниите и здруженијата заеднички да ги дизајнираат програмите. На претставниците на бизнисите не им е доволно само да донираат средства, туку сакаат точно да знаат каде одат нивните донации и да ги чувствуваат активностите како свои“, објасни тој. Во вториот дел од настанот, Никица Кусиникова од Здружението Конект презентираше подетално за соработката и мобилизирањето на ресурси од бизнис заедницата, давајќи конкретни примери на различни форми на соработка како што се донации, корпоративно волонтирање, спонзорирање на специјални настани, кампањи, социјален маркетинг итн. Кусиникова ги објасни петте основни чекори како граѓанските организации да добијат поддршка од бизнис секторот давајќи конкретни насоки и совети за воспоставување и одржување на таа врска. Според истражувањата што таа ги презентираше, компаниите најмногу донираат за хуманитарни цели односно за лекувања потоа за спорт, помош за сиромашни, хуманитарни непогоди, верски објекти и култура.
|