Организациите од Кавадарци тешко обезбедуваат финансирање |
E premte, 27 shtator 2019 09:40 | |||
Мобилниот ресурсен центар за организации од Кавадарци помина во знакот на отворениот повик за мали акциски грантови за застапување. Средбата се одржа на 27 септември во рамки на Граѓанскиот ресурсен центар, а во партнерство со Советот за превентива против малолетна деликвенција – СППМД. Петре Мркев, од СППМД говореше за потешкотиите на организациите да обезбедат фондови за редовно функционирање. „Речиси сите се проектно-ориентирани и немаат професионално вработени членови, туку нивната работа се темели претежно на волонтерскиот ангажман на активните членови. Најчесто успеваат да обезбедат средства за кратки активности, кои не покриваат трошоци за ангажираниот персонал. Во последните години, ова е проследено со се помал интерес за волонтирање кај локалното население”, објасни Мркев. Дополнително, тој истакна дека позитивна страна е соработката со новото општинско раководство, пред се со градоначалникот Митко Јанчев, кој е многу поотворен за соработка и потранспарентен во поддршката на идеите коишто доаѓаат од граѓанските активисти и здруженија. За време на средбата тимот на Граѓанскиот ресурсен центар ги презентираше можностите за финансирање, а учесниците се заинтересираа за новата програма за градење капацитети на граѓанските организации, која што треба да започне од октомври, како и за бесплатните простории на ГРЦ кои се даваат на располагање на здруженијата. Тимот на Граѓанскиот ресурсен центар исто така оствари средба и со Ненад Јовановиќ, лице ангажирано од општината за координација и соработка со граѓанските организации. Тој како позитивно искуство го посочи успешното спроведување на Регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан (РеЛОаД), финансирана од Европската Унија, а спроведувана од УНДП, преку која се финансираат локалните организации. Според него, самоодржливоста на организациите е најголемиот проблем, но исто така големо влијание има и фрагментираноста на општеството. Општината обезбедува објект за канцеларии на неколку активни организации во Кавадарци, меѓутоа, според изјавите на локалните организации критериумите и условите за распределба не биле целосно јасни.
|