Уникатен простор за заедничко креирање промени |
E enjte, 09 gusht 2018 11:14 | |||
„Граѓанскиот ресурсен центар (ГРЦ) го чувствувам како уникатен простор кој им нуди можност на граѓанските организации да се среќаваат меѓу себе, со граѓаните и со други страни за заеднички да креираат добри промени. Можноста за бесплатен простор за активности за граѓанските организации и нивно поврзување со граѓаните е важен потстрек за развој на граѓанското општество“, изјави Виктор Мирчевски од здружението Конект. Конект беше првата организација која организираше свој настан, во рамки на својот ЕУ проект „Промени за одржливост“, во ресурсниот центар во Скопје. Во периодот од мај до јули 2018 година, околу 15 организации ја искористија можноста да спроведат свои настани во центрите во Скопје, Штип и Гостивар. Покрај за граѓанските организации, просториите се достапни и за државни институции, неформални групи и активисти за организирање на нивни настани доколку целта и темата на настанот е поврзана со граѓанското општество. Сепак, предност имаат помалите граѓански организации кои немаат сопствени канцеларии или финансиски можности за изнајмување на простор. Обезбедувањето простор за организирање настани е голем проблем за организациите, особено малите кои работат на локално ниво. ГРЦ прави напори за надминување на овој проблем во Скопје, Штип и Гостивар преку обезбедување на целосно опремени простории за одржување состаноци, обуки, работилници, дебати и други настани. Ова е само една од низата активности што ГРЦ ги спроведува за поддршка на организациите. ГРЦ е тригодишен проект финансиран од Европската Унија а спроведуван од Македонски центар за меѓународна соработка (МЦМС) во партнерство со Асоцијацијата за демократски иницијативи (АДИ) од Гостивар и Медиа плус од Штип.
|