Издвоените мислења на судијката Наташа Габер-Дамјановска во една публикација |
E martë, 31 maj 2016 15:37 | |||
МЦМС со заедно со проектот Техничка поддршка нза граѓанските организации 2 – ТАКСО 2 ја издаде публикацијата „Во одбрана на Уставот и цивилизациските вредности“ на д-р Наташа Габер – Дамјановска. Публикацијата е збирка на дел од издвоените мислења на судски одлуки и решенија на судијката на Уставниот суд д-р Наташа Габер-Дамјановска. „Мотивот за објавување на оваа книга лежи во личната потреба да ги споделам со јавноста сопствените ставови и размислувања искажани за бројни правни дилеми со кои сум се сретнала во уставносудската пракса“, вели судијката Габер-Дамјановска. „Во одбрана на Уставот и цивилизациските вредности“ содржи 16 донесени одлуки и решенија на Уставниот суд за одбиени барања, неповедени или запрени постапки за различни прашања и исто толку издвоени мислења, а се однесуваат на прашања како: слобода на јавното изразување, право на прекинување бременост, работничките права, слободата на здружување и сл. Публикацијата првенствено е наменета за граѓанските организации и активисти, но исто толку е релевантна и за научната и за стручната јавност, за студентите, за судиите, за новинарите, за политичарите и за креаторите на јавното мислење. Судијката Габер-Дамјановска смета дека обврска на судијата е да се обидува преку неговата работа да обезбеди оживотворување на Уставот преку негова хармонизација на законите и другите акти, доследна реализација на уставнозагарантираните права и принципи, како и сеопфатно владеење на правото. Публикацијата е одговор на интересот на граѓанските организации за издвоените мислења на судијката и придонес кон приближување до јавноста на дебатата за клучните општествени прашања која се води во највисоката институција одговорна за заштита на уставноста и законитоста, но и заштита на правата и слободите на граѓаните.
|