Какви се условите за работа на граѓанското општество? |
E martë, 12 prill 2016 16:37 | |||
Основните законски загарантирани слободи, рамката за финансиска одржливост и односот на граѓанските организации со владата се трите области кои ги анализра новиот Извештај за овозможувачката околина за развој на граѓанското општество во Македонија 2015 што го презентираше Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) денес (12 април 2016 година) во „Јавна соба“ во Скопје. Според истражувањето, Законот за здруженија и фондации е солиден и прогресивен, но не е целосно функционален бидејќи одредени подзаконски акти не се усвоени. Кај мал дел од организациите се забележани индиректни притисоци преку инспекции и други методи. Можноста за вршење економски активности организациите не ја користат во целост, а дополнително оптоварувачки се и одредбите во други закони кои го регулираат вршењето дејност кои ги изедначуваат организациите со профитните субјекти. И покрај тоа што законодавството ја гарантира слободата на собирање и во практика во најголема мера беа овозможени собири, сепак беа регистрирани неколку отстапувања преку ограничувања на посакуваниот простор на собирање и повеќебројност на полицијата и различни притиоци. Во практика слободата на изразување за граѓанските оранизации не е ограничена, сепак тие се соочуваат со индиректни притисоци заради искажани ставови, а применуваат и самоцензура и внимателност. Заради малиот простор во традиционалните медиуми, зголемена беше употребата на интернет и социјални медиуми како слободен простор за изразување и пренесување порака. Даночното законодавство и понатаму не го поддржува функционирањето на граѓанските организации, туку ги изедначува со профитните субјекти, а во некои одредби се и во понеповолна состојба од нив. Директното буџетско финансирање на грѓанските организации не е содветно на реалните потреби за одржливост. Со ребалансот на буџетот во 2015 година во ставката 463 - Трансфери до невладини органзации, планирани се околу 5,5 милиони евра. Но, најголем дел, односно 42 % се наменети за политички партии. Износот е значително помал споредено со земјите од Западен Балкан, а особено незначителен во однос на вкупните годишни приходи (над 80 милиони евра) на граѓанските организации. Законодавството и политиките не ги одразуваат спецификите на работењето на организациите па во практика тие се нејасни и ги обесхрабруваат ГО. Брзите и конфузни измени за плаќање придонеси од страна на хонорарно ангажираните лица, предизвикаа финансиски импликации и стравувања кај организациите за нивната одржливост. Волонтерство се соочува со предизвици во примената во практика. Граѓанското образование е дел само од основното образование. Содржината на учебниците е проблематична и ги соочува учениците со текст кој не е во насока на промоција на човековите права и слободи и толеранција и еднаквоста. Постои јаз меѓу постоечките политики (стратешки документи) и нивното спроведување во практика. Отсуствува политичка волја, како и буџетски средства за спроведување на Стратегијата за соработка на Владата со граѓанскиот сектор 2012-2017 која предвидува вкупно 52 мерки, од кои досега само 2 мерки се во целост реализирани. Нема напредок во формирањето Совет за унапредување на соработката, дијалогот и поттикнување на развојот на граѓанското општество. Во 2015 г. забележан е значителен јаз меѓу законодавството и практиката, особено ако се земе предвид дека голем број закони беа донесени во скратена постапка без отворање консултации со засегнатите страни. И покрај унапредувањето на ЕНЕР и обуки за државните службеници, и понатаму има висок степен на отстапки (39 %) од минималните рокови за консултации. Спроведувањето на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер е незадоволително. Граѓанските организации немаат пречки за давање услуги во различни полиња, како што се социјалната заштита и помош, здравството, образованието, бесплатната правна помош и други. Актуелните законски прописи не го стимулираат давањето услуги, ниту поблиску го дефинираат. Државата не ги препознава, овие можности. Постојат голем број граѓански организации кои фактички учествуваат како даватели на услуги низ разни тематски области, и покрај тоа што не се поддржани од државата. Извештајот го презентираше неговата авторка, Симона Огненовска од МЦМС. Настанот беше искористен да се направи и осврт на политиките на Европската Унија за развојот на граѓанското општество од страна на Ирена Иванова, раководителка на програма за граѓанско општество во Делегацијата на ЕУ во Скопје. Исто така, беа споделени и регионални искуства од следењето на околината за развој на граѓанското општество од страна на Тања Хафнер Адеми, извршна директорка на Балканската мрежа за развој на граѓанското општество (БЦСДН). Извештајот е дел од регионалниот проект „Acquis на балканското граѓанско општество: Јакнење на потенцијалот и капацитетите на граѓанските организации за застапување и лобирање“ финансиран од Европската Унија. Проектот го спроведува БЦСДН и нејзините членки, во партнерство со Европскиот центар за непрофитно право (ЕЦНЛ) и Европската мрежа на национални граѓански организации (ЕННА).
|