Граѓанскиот активизам и општествените промени |
E hënë, 20 korrik 2015 16:29 | |||
Цивика мобилитас беше дел од петтиот по ред Д-фестивал, кој се одржа од 17 до 19 јули 2015 година во Стар Дојран. Во фестивалскиот камп беа одржани два настани: информативна сесија за програмата и тематски форум посветен на граѓанскиот ангажман. Граѓанскиот ангажман во Македонија, односно вклученоста на граѓаните во иницирањето и постигнувањето општествени промени беше тема на форумот што се одржа на 19 јули 2015 година. Преку примерите на неформалните здружувања: „На точак“ и „Студентски пленум“ се дискутираше за тоа колкава и каква треба да биде критичната маса за предизвикување општествена промена?; Што е потребно да се постигне потребната критична маса?; Како да се мобилизираат граѓаните за општествени промени? Дали треба да се користат традиционални и/или модерни методи и алатки? итн. Јована Тозија и Искра Савовска од „На точак“ зборуваа за почетоците на движењето и за начинот на комуникација со надлежните институции. „Функционираме хоризонтално, немаме хиерархиска структура, секој придонесува кога може и со што може“, рече Јована Тозија. Таквиот начин на функционирање одзема време и енергија, но засега не планираат да го сменат. Тие ги споделија искуствата од соработката со институциите. „Кога грешат ние ги критикуваме, кога ќе направат некоја добра работа, ги фалиме. Тие не се наши пријатели, но не се нужно наши непријатели – институциите ни се потребни за да ја постигнеме нашата цел и да ги обезбедиме промените што ни се потребни“, рече Савовска. „За каков било активизам“, рече Јована Тозија, „важно е да чувствувате незадоволство од одредена состојба и гнев што ќе ве држи доволно долго за да вложите напор што ќе резултира со промена; да го почитувате мислењето на другиот; да не ги сведувате дискусиите на лична основа туку на аргументи; да бидете искрени, затоа што тоа се препознава. Држете се до својата цел, не се дефокусирајте од неа“, им порача таа на присутните. Дарко Малиновски од Студентски пленум зборуваше за нивното искуство во организирањето и функционирањето. „Студентски пленум е комплексна група и таа е одговор, меѓу другото, на нашето незадоволство од тоа како функционираа формалните здруженија на студентите. Сметавме дека хоризонталната поставеност е соодветна за создавање критична маса за целта што ја имавме“, рече тој. Малиновски исто така зборуваше и за потребата од деперсонализација на движењето и за првичната одлука на одбегнување на традиционалните медиуми. „Хоризонталната поставеност овозможува студентите да си го кажат своето мислење, се разбира тоа бара повеќе време, некогаш се водат непотребно долги дискусии што го забавуваат одговорот на движењето“, додаде тој. „Од друга страна, во тие дискусии се појавуваат различни мислења кои не се нужно исправни или неисправни – дискусиите ни овозможуваат да дојдеме до трето, најчесто најдобро решение“. Во духот на функционирањето на „Студентски пленум“ своите идеи ги споделија и присутните приврзаници. Тие споделија дека често ги прашуваат дали ќе се изгуби дел од енергијата кога дел од активистите ќе дипломираат. За „пленумците“ за тоа воопшто не станува збор. „Нашите пријатели од „Средношколскиот пленум“ од септември ќе станат наши колеги, тие со себе ќе ја донесат нивната енергија, заедно ќе работиме не само на Законот за високо образование туку и на многу други прашања како што е на пример студентскиот стандард“, рече Бојан Ристовски од „Студентски пленум“. Во дискусијата што потоа се разви присутните ги споделија своите искуства и прашуваа подетално за некои аспекти од двата презентирани примери. Вториот настан беше информативната сесија, на која Даниела Стојанова ја презентираше програмата, а во дискусијата што следуваше присутните се интересираа за можностите за финансиска поддршка на формалните и неформалните здружувања, за воспоставувањето соработка итн.
|