Започна „Родум од Македонија“ (Birthright Macedonia) |
E premte, 10 korrik 2015 15:51 | |||
Арон Кимсон (Aaron Kimson ) и Филип Јотевски (Filip Jotevski) од САД, Лукас Стрезос (Lucas Strezos) и Наташа Калајџиовски (Natasia Kalajdziovski) од Канада се првите четири млади луѓе со македонско потекло кои ќе престојуваат во Македонија како дел од проектот „Родум од Македонија“ (Birthright Macedonia). Обединетата македонска дијаспора (ОМД) и нејзиниот локален партнер Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) денес (10 јули 2015 година) информираа за проектот „Родум од Македонија“ (Birthright Macedonia) и го означија почетокот на нивниот тринеделен студиски престој во Македонија. Тие ќе бидат ангажирани во кабинетот на министерот без ресор, задолжен за привлекување на странски инвестиции, Џери Наумоф, во Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“, во Институтот за демократија – Социетас цивилис и во тинг-тенкот Аналитика. Нивниот студиски престој е комплементарен на нивните академски цели, на нивната кариера или на нивните општи интереси. Примарната цел на „Родум од Македонија“ (Birthright Macedonia) е младите Македонци кои се родени и живеат надвор од државата да го запознаат нивното културно наследство и да воспостават контакти и пријателства меѓу себе и со нивните врсници во Македонија. За време на нивиот престој, тие ќе живеат со семејства-домаќини и одблизу ќе можат да го видат секојдневието и културата на Македонците. Проектот е осмислен и развиен од Питер Далас, член на Советот на ОМД кој е роден во САД а има потекло од Гевгелија и Егејска Македонија. „Врските на Македонците со нивните корени слабеат“, рече тој на отворањето на проектот, „особено кај младите од најпрвите генерации Македонци кои живеат во странство. Заради растечката асимилација на Македонците во странство во другите култури, сакав да направам нешто за да им помогнеме на Македонците во странство да ја задржат нивната врска со татковината“, додаде тој. „Задоволни сме што соработката со ОМД резултираше со вакви активности“, рече Александар Кржаловски, прв извршен директор на МЦМС. „Можеби за некого ова се мали чекори, но веруваме дека тие ќе ја зајакнат довербата и ќе придонесат кон поинтезивна соработка со нашата дијаспора.“ На настанот присуствуваа и Павле Саздов, пратеник во Собранието на РМ избран од дијаспората и Џери Наумоф, министер без ресор задолжен за привлекување странски инвестиции.
|