Подобрени вештини за вработување |
E martë, 17 dhjetor 2013 11:15 | |||
Дваесет и осум кориснички на програмата „Оспособување на жените погодени од конфликтот“ од скопскиот, тетовскиот и кумановскиот регион на 11 и 12 декември 2013 година, во Скопје, стекнуваа знаење за подобрување на вештините за вработување. Учесничките на обуката учеа како да подготват биографија, мотивациско писмо, ги совладуваат техниките за успешен настап на интервју за работа, а учеа и како да направат лични акциски планови. Покрај ова, на обуката учесничките имаа можност да се запознаат и со правната рамка за социјални и економски права со фокус на работничките права и правото при вработување. Тие имаа можност да се дружат меѓусебе и да споделат различни искуства од учеството во другите активности на програмата, како што се курсевите за странски јазик и работа на компјутер или пак обуката низ работа. Учесничките ја оценија обуката како многу корисна и интересна и се надеваат дека новите вештини во иднина ќе им овозможат полесен пристап до пазарот на трудот. Обуката ја спроведе организацијата Обука за одржлив развој (ОРТ). Проектот „Оспособување на малцинските жени погодени од конфликтот“ е финансиран од Европската Унија во рамките на 4-та компонента на Инструментот за претпристапна помош (ИПА), го спроведува МЦМС со партнерите со цел да се поддржи пристапот на жените погодени од конфликтот до пазарот на трудот.
|