Етничката дискриминација сè уште предизвик за македонското општество |
E premte, 06 dhjetor 2013 17:39 | |||
На 5 декември 2013 година, МЦМС организираше јавна дебата на тема „Состојбата и предизвиците на дискриминација по основ на етничка припадност“. Агим Нухиу, универзитетски професор и член на Комисијата за заштита од дискриминација (КЗД) зборуваше за состојбите со дискриминацијата на етничка основа од аспект на Комисијата. „Охридскиот рамковен договор донесе придобивки за етничките заедници, меѓутоа сѐ уште има предизвици за Комисијата и останатите институции кои имаат надлежности во борба против дискриминацијата. Такви се: прашањето на употребата на службените јазици, правичната и соодветна застапеност во институциите, па и одредувањето на правата и поволностите за сите учесници во вооружениот конфликт од 2001 година“, рече Нухиу. Лулзим Хазири од Асоцијацијата за демократски иницијативи се осврна на актуелната правна и политичка рамка, како и на европските и меѓународните стандарди за спречување и заштитата од дискриминација. На домашен план тој даде неколку примери на етничка дискриминација кои се однесуваа на вработувањето и на образованието. „Не е доволно само да бидат донесени законите, тие треба и да се спроведат. Освен тоа, треба да се работи на подигање на јавната свест и јакнење на капацитетите на надлежните институции“. Според Хазири, во борбата против дискриминацијата важна улога имаат и граѓанските организации па затоа тој побара тие да бидат поддржани. Дискусиите на учесниците беа фокусирани на улогата на Комисијата како и на подобрувањето на капацитетите за нејзино функционирање. Проектот го спроведува МЦМС во партнерство со Полио плус, Министерството за труд и социјална политика и Комисијата за заштита од дискриминација. Проектот финансиски е поддржан од програмата Прогрес (2007-2013) на Европската Унија.
|