Предизвиците на повеќекратната дискриминација |
E premte, 01 nëntor 2013 12:18 | |||
МЦМС денес, 31 октомври 2013 г. (четврток) во х. Холидеј ин, Скопје, организираше дебата на тема „Предизвиците на повеќекратната дискриминација“. Во своето воведно обраќање, Жанета Попоска од ОБСЕ зборуваше за меѓународните стандарди и за македонското законодавство и, меѓу другото, истакна дека постојат многу малку одредби за забрана на повеќекратната дискриминација. „Повеќекратната дискриминација е нееднаквото постапување кое се појавува по повеќе основи“, рече Попоска и додаде дека жените и старите лица се најранливите групи. Таа се задржа на два вида на повеќекратна дискриминација и тоа на кумулативната или дополнителната и на интер-секциската дискриминација. Притоа Попоска забележа дека постоечкото анти-дискриминациско законодавство не е во состојба да го реши проблемот со повеќекратната дискриминација. Некои решенија за предизвиците на повеќекратната дискриминација, според Попоска, би биле: хармонизиран модел на анти-дискриминациско законодавство, со кое опфатот на заштита би бил ист, а исклучоците за сите основи би биле слични. Притоа, во изборот на точката на споредба би требало да се биде флексибилен. Таа даде и неколку примери од правната пракса за анти-дискриминација на Германија и Ирска. Јован Ананиев од Комисијата за заштита од дискриминација (КЗД) се осврна на европските и македонските искуства во утврдувањето на повеќекратната дискриминација, презентираше примери како и дилеми кои се појавиле во врска со нив. Целта на дебатата е да се презентира моменталната состојба во Македонија, европските искуства и практиките со справување со повеќекратната дискриминација. Дебатата е дел од проектот „Од норма до пракса за еднаквост“ го спроведува МЦМС во партнерство со Полио плус – движење против хендикеп, Министерството за труд и социјална политика и Комисијата за заштита од дискриминација. Проектот е поддржан финансиски од Европската Унија преку програмата Прогрес (2007-2013).
|