Заеднички приоритети и активности за прекугранична соработка |
E mërkurë, 16 nëntor 2011 12:01 | |||
Од 10 до 11 ноември оваа година во Струга се одржа работилница за прекугранична соработка и вмрежување, на која учествуваа 19 организации од југозападниот регион на Македонија и три организации од регионот на Елбасан во Албанија. Целта на работилницата беше да се идентификуваат приоритетните прашања и да се испланираат заеднички активности на граѓанските организации од југозападниот регион за соработка со организациите од пограничниот регион на Албанија. „Имав слика што очекувам од оваа работилница, ми се допадна начинот на презентирање на многу релаксиран и јасен начин. Исто така ми се допадна групата, бидејќи имаше интеракција меѓу учесниците, размена на искуства, споделување на знаења и размена на контакти за можна идна соработка", ни кажа Јулијана Настовска од НВО Опција од Охрид. За Коста Галимановски од ЦМСРИ „Чекор +" од Кичево, „Форумите се нешто неопходно потребно за граѓанските организации од едната и другата страна на границата, за да развијат поголема соработка во сите области на своето делување, за потребите и решавање на проблемите со кои се соочуваат. Настанот на кој присуствувавме вчера и денес овозможува една поголема можност за соработка во иднина и соработка која ќе донесе поголем ефект како за граѓанските организации, така и за стопанството од регионот". Учесниците во работни групи ја анализираа состојбата, идентификуваа и избраа приоритетни проблеми и дефинираа заеднички активности и засегнати страни во повеќе области: економски развој, вработување, животна средина и култура. Вакви работилници веќе се одржаа во Елбасан и Пешкопеја за организациите од пограничниот регион во Албанија, како и во Маврово за организациите од полошкиот регион. „Ова беше прв пат што учествувам на настан организиран од МЦМС. Средбата ми овозможи да запознам нови пријатели од регионот (н.з. Македонија) и да ги споделам размислувањата со нив, идеите за развој на општеството во двете земји. Видов и констатирав дека за некои аспекти од македонската страна е неколку чекори пред нас", рече на крајот на обуката Зухра Бедали од МЕДПАК од Елбасан. Работилницата се одржа во рамките на проектот „Прекуграничен форум на граѓански организации", кој го спроведуваат во партнерство Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), ЕД „Дешат" и Институтот за демократија и медијација (ИДМ) од Албанија, а е финансиран од Европската Унија во рамките на ИПА – Прекугранична соработка.
|