Форумот на граѓани во Крива Паланка го избра локалниот економски развој |
E enjte, 22 shtator 2011 13:04 | |||
Граѓаните на Крива Паланка покажаа голем интерес за првата форумска сесија што се одржа на 20 септември во хотелот Турист. Дојдоа да видат каде и како можат да се вклучат во подобрувањето на животот во нивната општина. Салата беше претесна да ги собере сите заинтересирани граѓани. На присутните им се обрати д-р Милка Митовска, претседател на Советот на општина Крива Паланка, Миодраг Колиќ, претставник на Швајцарската агенција за развој и соработка (СДЦ), и Димче Митрески, извршен директор на МЦМС. Во текот на сесијата тие се запознаа со форумскиот процес, ја направија структурата, се поделија во работни маси на кои ќе ги водат дискусиите и ги усвоија правилата за работа на Форумот. "Посакувам успешна работа на Форумот на заедницата, кој за првпат се организира од страна на општина Крива Паланка. Посебна благодарност, од името на општината, упатувам до Швајцарската агенција за развој и соработка, која го подржа овој проект, како и до МЦМС, кој се јавува како имплементирачка организација. Поздрав до сите учесници и граѓани чии идеи и предлози што ќе произлезат од овој форумски процес ќе доведат до поефикасни решенија за проблемите од интерес на заедницата. Со тоа ќе се оствари основната цел на проектот, а тоа е зајакнување на граѓанското учество во процесот на одлучување на локално ниво", кажа во поздравниот збор Милка Митовска, Претседател на Советот на општина Крива Паланка. "Како претседател на Здружението на стопанственици од Крива Паланка, но пред се како граѓанин, учествував и во приготвувањето на апликацијата на општината за проектот "Форум на заедницата", така што веќе сум запознаен со форумскиот процес. Задоволство ми е што го дадов својот придонес во креирањето на тематските области, а ќе учествувам и во форумските сесии, затоа што сметам дека никој подобро од нас граѓаните не ги познава проблемите со кои се соочуваме, па затоа и ние најдобро знаеме какви решенија ни се потребни за нивно надминување и подобрување на економската и социјална клима во заедницата." Изјави Антони Стојановски од бизнис секторот. За време на сесијата на граѓаните им беа презентирани три теми со кои општината се пријавила за оваа програма: Образованието, спортот и животот на младите, Ставање на богатата ризница на природното и културно наследство и живата култура во функција на развој на туризмот и Локален економски развој. Убедливо, со 77 гласа, граѓаните ја избраа темата за локален економски развој. Во понатамошните дискусии тие ќе ги идентификуваат проблемите и ќе ги бараат решенијата во оваа област посебно од аспект на инфраструктурното уредување во функција на економскиот развој. Следната сесија ќе се одржи на 13 октомври 2011 година.
|