1997 – Развој на локалните заедници - Qendra Maqedonase për Bashkëpunim Ndërkombëtar

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

1997 – Развој на локалните заедници PDF Shtyp Shpërndaje me Postë Elektronike

1997-godina-na-razvoj-na-lokalnite-zaedniciЗаминува ХМП од Македонија и МЦМС го загуби Херт Јан ван  Апелдорн, без кои МЦМС немаше да биде  она што е денес. МЦМС ги продолжува активностите за развој на локалните заедници. Со младински и студентски организации од различни етнички социјални групи и подмладоци на политички партии се организира Младинската летна школа за дијалог.

Фокусот на активностите на МЦМС оваа година се насочи кон локалните заедници надвор од главниот град. Во услови со намалено присуство на странските донатори, МЦМС сепак успеа да одржи 70% од своите проектни активности. Невработеноста и затегнувањето на меѓуетничките односи беа најголемите закани со кои се соочи македонското општество во овој период, а за кои МЦМС се обиде преку своите програми да воспостави алтернативи и методи за решавање.

Холандскиот министер за развојна соработка, Јан Пронк, амбасадорот на Холандија во Македонија, Хендрик Хејнен, како и претставници на Министерството за надворешни работи на Холандија го посетија МЦМС при нивната посета на Македонија.

Зошто во Горно Оризари не го сакаат летото

Во средината на јуни 1997 година го посетивме селото Горно Оризари, општина Велес. Селото е релативно близу до Велес, околу 7 км, поврзано со асфалтен пат и брои околу 2.400 жители.

Она што можете да го забележите на прв поглед ви остава впечаток дека се наоѓате во релативно богато село каде жителите си го средиле животот, си направиле големи и убави куќи и дека е се во ред. За жал тоа не е вистинската слика за селото. На сред село првото што ви паѓа во очи е голема група жени, со пластични туби и кофи во рацете. Чекаат да наполнат вода. Не зборуваат многу меѓу себе, а и што да си кажат кога се гледаат по неколку пати на ден на истото место.

Нашето пристигнување предизвикува интерес само на кратко, вниманието е насочено кон тенкиот млаз вода и кон тоа кој е сега на ред да наполни вода. Разговараме со една од нив: „Тешко е“, вели таа, „чекаме вода по 1-2 часа, зависи од тоа колку жени има на чешмата, најголемата гужва е околу 9 часот наутро.“ Ја прашавме нашата соговорничка дали знае дека се прават напори да се подобри водоснабдувањето во селото, ни рече, „сум слушнала ама не сум голем оптимист, секоја година е вака, се надевам дека ќе биде подобро, ама не верувам многу.“

Нашиот водич низ селото е Зулфо Бајровиќ, вклучен во организацискиот одмор на селото кој ги води работите со изградбата на водоводот. Заедно со него тргнавме до другата селска чешма. Сликата се повторува. Се запознавме со Кима Цуцак. „Стојам овде од 6 часот утрово (кога разговаравме беше 10 часот), не сум појадувала ништо, а овде се караме која дошла прва, а која последна, дали имала дома мало дете кое треба да го спреми. За 100 литри вода 4 часа чекање, а некогаш и повеќе.“ Она по што се разликуваше декорот кај втората чешма беа двајцата мажи. Нашата соговорничка Кима ни ја разјасни работата. „Едниот од нив е мојот сопруг, сабајлево едвај го убедив да дојде на вода, со караници дојде затоа што му е понижување да доаѓа на вода, тоа било женска работа. Но јас не можам повеќе, не сум толку вредна како некогаш, имам 50 години, а нема кој друг да помогне, децата си заминаа.“ Ја прашуваме колку ќе издржат тие 100 литри вода, вели „еден ден за нас и за кравата и тоа без перење. За перење одиме на река, а како сме испрани, гледате. Зимата топиме снег, некогаш пак чекаме овде, сите сме болни од реума. Да дојде водата се ќе биде поинаку ама луѓето се плашат да дадат пари, мислат дека никогаш нема да се направи тоа што е почнато. Да знаеме дека ќе се заврши ќе дадеме и трипати повеќе од она што треба, па макар потоа и гладувале.“

Си заминуваме полека од селото. Се поздравуваме со жените од чешмата и со Кима. На одење велат: „Сега видовте како живееме ние, и кажувајте по светот каква е оваа беда во која сме секој ден, нека знаат сите!“ И ние кажуваме.

„МЦМС во изминатата година ја изведе планирачката фаза за наредниот среднорочен план 1998-2000 година и својата прва оценка (внатрешна и надворешна). Процесот на осознавање (оценката) на слабостите и предностите на МЦМС одзема време (и средства), но е една од најкорисните активности извршена во 1997 година. Таа помогна да се разберат одредени проблеми, причините за слабостите и како тие да се надминат, а истовремено да се зачуваат предностите.”

Годишен извештај на МЦМС за 1997 година.

1998

 

Na ndiqni

RSSTwitterFacebookYouTubeScribd

Се наоѓаш тука  : Fillimi Për ne Historia jonë