А1: Само осум НВО дадоа отчет за работата пред јавноста |
E martë, 20 korrik 2004 01:00 | |||
Од околу 5 илјади невладини организации во Македонија, денеска само осум дадоа отчет пред јавноста за тоа како работеле и колку пари потрошиле минатата година. Овие организации сметаат дека ваквиот чекор треба да стане законска обврска и да им послужи како пример за транспарентност на државните институции и политичките партии. „Сите оние институции во државата кои би требале да го прават ова, а не го прават, употребувајќи многу чудни објаснувања“, изјави Владимир Милчин од Институтот Отворено општество. „Ние ги објавуваме нашите извештаи заедно, за да нема префрлување на топката од лево на десно. Секој што користи јавни средства, треба да го практикува ова“, изјави Сашо Клековски од МЦМС. Проектите на невладините организации минатата година главно ги финансирале странски донатори. Цивилниот сектор е незадоволен од соработката со Владата. „Нашите очекувања беа поголеми, дека соработката ќе оди полесно и побрзо, но тоа не е така“, додаде Милчин. Проектот „Заедно за транспарентност“ има за цел да се зголеми одговорноста и отчетот пред граѓаните не само на невладините организации, туку и на државната власт и на политичките партии. Извор: А1 (20.07.2004)
|