| Нов кодекс за новинарите, AI апликација за младите и медиуми на заедницата |
|
|
|
| E martë, 30 qershor 2026 12:52 | |
|
Во периодот од април до јуни 2026 година, Цивика мобилитас објави три нови стории на своите грантисти. Секоја од нив, на свој начин, им помага на граѓаните да бидат слушнати. Новинарите тоа го прават преку нов етички кодекс, младите преку дигитална алатка за пријавување проблеми, а заедниците преку сопствени медиуми кои ги отвораат темите што другите ги заобиколуваат.
Границата меѓу проверена вест и дезинформација станува сè понејасна, а токму тоа е причината зошто новинарската заедница го подготвува првото осовременување на својот етички кодекс по повеќе од две децении. Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), во партнерство со Македонскиот институт за медиуми (МИМ), со поддршка на Цивика мобилитас го спроведува проектот „Јакнење на етичките стандарди за поголема доверба во медиумите“, преку кој првиот Кодекс за етичко новинарство од 2001 година конечно се адаптира и прилагодува на новите современи услови за известување. Работна група составена од претставници на ЗНМ, МИМ и Советот за етика во медиумите, со учество на повеќе од 200 новинари, работи на измени во повеќе членови, вклучувајќи и нови одредби за употреба на вештачката интелигенција и тајно прибирање податоци. Новиот Кодекс се очекува да биде промовиран во втората половина на 2026 година. Прочитај ја сторијата „Нов етички кодекс за новинарите: процес што ја враќа довербата во медиумите“
Во Крушево, Куманово и Тетово, младите луѓе честопати знаат дека постои проблем, но не знаат каде да го пријават, ниту како да го следат неговото решавање. Проектот „Мојот глас во мојот град“, што го спроведуваат Младински сојуз од Крушево, Центарот за интеркултурен дијалог (ЦИД) и Институтот за развој на заедницата од Тетово, работи на дигитална алатка базирана на вештачка интелигенција преку која младите ќе можат да пријавуваат проблеми и да го следат статусот на своите барања. На работилниците во Скопје, Куманово и Тетово, младите самите го обликуваат решението. Тие не бараат уште еден комплициран систем, туку едноставна алатка и чувство дека некој навистина ги слуша. Прочитај ја сторијата „Не ни треба уште една апликација, туку некој конечно да нè слушне“
Во Струга, Тетово и Валандово, новинари и активисти се вклучени во проектот „Медиуми на заедницата за посилно граѓанско општество“ на Институтот РЕСИС и Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ). Низ работилници во Југоисточниот, Југозападниот и Полошкиот регион, учесниците ги дефинираа локалните теми што остануваат надвор од фокусот на постоечките медиуми, од урбанизацијата и загадувањето во Тетово до депониите и иселувањето на младите. Моделот „медиум на заедницата“ веќе функционира преку платформите Локал Актив Исток, Локал Актив Вардар и Локал Актив Пелагонија, каде се објавени над 120 стории кои прецизно формулираат конкретни граѓански барања и поттикнуваат нови застапувачки акции. Прочитај ја сторијата „Секој новинар е и активист и секој активист е и новинар”.
|