| Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество со засилена работа во 2025 година |
|
|
|
| E martë, 24 mars 2026 14:39 | |
|
Во 2025 година, Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество имаше интензивна и динамична работа, потврдувајќи ја својата улога како важен механизам за дијалог и партнерство меѓу институциите и граѓанското општество. Во текот на годината беа одржани 7 седници, на кои се разгледуваа актуелни прашања и јавни политики од значење за овозможувачката средина, учеството на граѓанските организации во креирањето политики и нивната финансиска одржливост.
На конститутивната седница, одржана на 7 април 2025 година, официјално започна мандатот на новиот состав на Советот, а за претседателка беше избрана Никица Кусиникова од Здружение Конект Скопје, додека за заменик-претседателка беше избрана Бојана Босилкова од Министерството за правда. Во текот на годината, Советот расправаше по 35 точки на дневен ред, разгледа 9 материјали, достави 2 писмени мислења до Владата и номинираше 13 претставници на граѓанските организации во 6 советодавни и работни тела на Владата и органите на државната управа. Особено значајно е што Советот даде позитивно мислење за Стратегијата на Владата за соработка со и развој на граѓанското општество 2025–2028, препознавајќи ја како клучен документ за унапредување на правната рамка, механизмите за структурирано учество на граѓанските организации и нивната финансиска одржливост. Советот активно се вклучи и во давање придонес кон изготвување на предлог Законот за здруженија и фондации, особено делот за транспарентно и соодветно државно финансирање за граѓанските организации. Советот исто така реагираше и на конкретни постапки за финансиска поддршка од државата за граѓанските организации, придонесувајќи кон поголема транспарентност и корекција на одредени процедури, како што беа продолжување на рок за јавен повик и објавување коригирана ранг-листа.
Во 2025 година, Советот донесе и нов Деловник за работа и Програма за работа 2025–2026, а формираше и четири работни групи, меѓу кои за комуникации, за соработка со локални организации и за унапредување на финансиската поддршка за граѓанските организации. Дополнително, работата на Советот беше презентирана на повеќе јавни настани, дебати и средби со организации низ земјата, а преку различни мејлинг листи и мрежи на организации редовно се споделуваа информации за неговата работа, заклучоци и можности за вклучување. Иако Годишниот извештај за работењето на Советот во 2025 посочува и на одредени предизвици, особено во однос на редовното присуство на дел од институционалните претставници и потребата од поголема видливост и препознатливост на Советот кај граѓанските организации, сепак 2025 година го потврдува Советот како активнo и релевантно тело за соработка, консултација и учество на граѓанското општество во процесите на креирање јавни политики. Советот ќе продолжи да ја унапредува својата улога како владино советодавно тело за конструктивен дијалог и партнерство меѓу институциите и граѓанското општество, со фокус на поголема вклученост, транспарентност и влијание во креирањето јавни политики. Воедно, се повикуваат сите граѓански организации активно да се вклучат во работата на Советот, преку споделување предлози, иницијативи и препораки до членовите на Советот од редот на граѓански организации, со цел заедничко адресирање на клучните предизвици и унапредување на овозможувачката средина за развој на граѓанското општество во државата Прочитајте повеќе за работата на Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество на: https://nvosorabotka.gov.mk/mk-MK/sovet/zapisnici-i-dnevni-redovi-od-sednicite-na-sovetot
|