Државното финансирање на граѓанските организации е инвестиција |
E enjte, 31 tetor 2024 12:00 | |
Во новиот број на Граѓаните за промена, фокусот е ставен на овозможувачката околина. „Нема напредок во сеопфатната реформа на рамката за државно финансирање на граѓанските организации“–ова е старо-новата констатација на Извештајот за овозможувачка околина за 2023 година што беше објавен минатиот месец. Се разбира, ова не е единствениот елемент на овозможувачката околина, но секако е еден од оние за кои најчесто дебатираат институциите и граѓанските организации, за жал, како што вели извештајот, без поместувања. Дали ваквото тапкање во место, кога државното финансирање е во прашање, е одраз на недостаток на доверба на институциите во граѓанските организации? Ако е, тогаш зошто „поминала“ Стратегија на Владата за соработка со и развој на граѓанското општество (2022-2024) во која една од препораките е „зголемување на уделот на државното финансирање од централниот буџет и од буџетите на единиците на локалната самоуправа, со цел да се достигне удел од 30% (околу 2 милијарди денари) во вкупните приходи на граѓанските организации до 2024 година“? Пред неколку години, на една од конференциите што ги организираше МЦМС со претставници на Владата, поранешниот министер за Јавна администрација и потпретседател на Владата на Република Словенија (2014-2018), Борис Копривникар, споделувајќи го словенечкиот модел на државно финансирање одговори на едно од најчестите и веројатно најтешките прашања: зошто граѓанските организации да се финансираат од државниот буџет? „Организациите го зголемуваат општествениот придонес, ги поддржуваат јавните услуги и се коректори на политичките одлуки. Тоа значи дека финансирањето не се сфаќа како донација, туку како плаќање за добрите услуги кои ГО ги вршат“, рече Копривникар. Веројатно заради овој став, колегите од граѓанскиот сектор во Словенија во 2022 година добиле 539,3 милиони евра јавни средства. Од нив, 513,22 милиони евра се добиени од директни и индиректни буџетски корисници (министерства, општини, Финансиската управа на РС, јавни агенции и институти). Во 2022 година, 53,86% од сите активни невладини организации во Словенија добиле јавни средства (во односната година, Словенија имала над 27.000 граѓански организации). Вкупните приходи на граѓанските организации во таа година биле над една милијарда евра, што значи дека државното финансирање било нешто над 51%. За разлика од нив, граѓанските организации во Северна Македонија, во 2023 година можеа да сметаат на околу 10,3 милиони евра од централниот и од буџетите на општините. Вкупните приходи на граѓанските организации во 2023 година се 147,6 милиони евра па така, уделот на државното финансирање е 6,7 %. Сосема валидна би била забелешката дека Словенија е побогата земја и затоа може да си дозволи да одвои повеќе средства за граѓанските организации, но еве да ја објективизираме и оваа споредба: државната поддршка за граѓанските организации во 2022 година во Словенија изнесувала 3,5% од буџетот на земјата, во Северна Македонија, во 2023 година, таа поддршка била речиси 0,2% од буџетот. На страна од финансиите, активностите на граѓанските организации во земјава целат кон подобрување на животот на граѓаните, без разлика дали станува збор за неформално образование, градење свест, поддршка на ранливи групи, зајакнување на демократијата итн. Во таа смисла, институциите и граѓанските организации се стремат кон иста цел. Уште колку време ќе биде потребно за да се разбере дека вложувањето во граѓанскиот сектор е инвестиција, не попусто трошење пари?
|