Пораст кај здружувањето, пад кај непартиските активности – граѓаните сé уште ја сметаат државата за одговорна за општествените проблеми - Qendra Maqedonase për Bashkëpunim Ndërkombëtar

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Пораст кај здружувањето, пад кај непартиските активности – граѓаните сé уште ја сметаат државата за одговорна за општествените проблеми PDF Shtyp Shpërndaje me Postë Elektronike
E hënë, 31 tetor 2022 11:53

oog 2021За мнозинство од граѓаните (57,5%) државата е најодговорна за решавањето на општествените потреби. За 11 години, оваа бројка пораснала за 7 процентни поени. Од друга страна, во истиот период (2010 – 2021) за околу 10 пп (од 33,4% на 23,2%)  паднал бројот на оние кои сметаат дека одговорноста треба да биде заедничка. Ова го покажа истражувањето „Општествена одговорност на граѓаните“ на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС). 

Со истражувањето е проверуван и јавниот дух на граѓаните преку оценка на степенот на оправданост на неколку генерално општествено неоправдани активности. За речиси 21 пп се зголемил бројот на граѓани за кои е неоправдано да се плаќа во готово за услуги за да се избегнат даноци и сега изнесува 83,4%, за разлика од 2010 година кога бил 62,6%. Мамењето за данок доколку постои шанса за тоа е неприфатливо за 93,4% од граѓаните, а во 2010 година оваа активност била неприфатлива за 87,0% од граѓаните. Од друга страна пак за нијанса е намалена одговорноста на граѓаните за самите себе (возење под дејство на алкохол) и околината (фрлање ѓубре на места кои не се определени за тоа).

Граѓаните повеќе се социјализираат. Тие најчесто се дружат со своето потесно и/или пошироко семејство (66,6%) и со своите пријатели (54,9%), а помалку со колегите од работа (30,4%). Времето поминато со семејството се зголемило за околу 16 процентни поени во однос на 2010 кога изнесувало 49,9%. Пораснал и бројот на оние кои посетуваат верски храмови од 20,2% на 29,9%. Етничките Албанци и припадници на исламска религија значително повеќе ги посетуваат верските храмови, особено младата популација од оваа група граѓани. На социјализацијата влијаат возраста, финансиските средства и образованието. Помладите, оние со повисоки примања и оние со завршено вишо или високо образование почесто се дружат со пријателите, колегите и повеќе време издвојуваат за спортски или рекреативни активности. 

Има значителен пад во учеството на граѓаните во непартиски активности во споредба со истражувањето пред 11 години. Вкупно 15,0% рекле дека се вклучуваат во потпишување петиција во споредба со 25,7% во 2010 година. Околу 14% учествувале на мирен протест за разлика од 36,6% кои го направиле тоа пред 11 години. Најактивни во непартиски активности се граѓаните на возраст од 30 до 49 години, а лицата со повисоко образование се повеќе вклучени во непартиски активности.

И учеството во доброволни акции бележи значителен пад. Само 7,6 % од граѓаните изјавиле дека во последните 12 месеци учествувале во доброволни акции, додека овој процент во 2010 година изнесувал 21,9 %. Ниската свест за волонтерски ангажман се гледа и од мислењето на голем дел од испитаниците дека немало волонтерски активности во заедницата во последната година, што упатува на ниска самоиницијативност на граѓаните и зависност од мобилизација. 

Се зголемил бројот на граѓаните кои членуваат во било која форма на здружување во однос на 2010 година. Црквите и верските организации се најпривлечни за граѓаните односно 43,6 % од нив се нивни активни или неактивни членови. Пред 11 години, црквите и верските заедници биле трети според бројот на граѓани кои членуваат во нив (30,7 %), а сега бележат најголемо членство.  Политичките партии кои сега се второ рангирани според членството (39,1%) биле прво рангирани пред 11 години (37,5 %). Бројот на активни членови во политичките партии пораснал за 4,2 пп, додека бројот на неактивни членови се намалил за 2,6 пп.

По црквите и верските организации, најголем пораст кај членството се забележува кај граѓанските организации. Вкупно 36,8% од граѓаните изјавиле дека членуваат во граѓанска организации од кои, секој петти (20,7%) е активен, а 16,2 % се неактивни членови. За споредба, вкупното членство во граѓански организации во 2010 година изнесувало 24,6%, од кои 9,5% биле активни, а 15,1% неактивни членки. Возраста, образованието и класната определба влијаат врз членувањето во граѓански организации. Младата популација со повисоко образование која припаѓа на средните класи најмногу членува во граѓанските организации, a можноста за вработување е најголем мотив за членство и вклученост во работата на граѓанските организации.

Се забележува големо опаѓање во дарувањето во добротворни цели во последните 12 месеци споредено со истражувањето спроведено пред 11 години. Во 2021 година 27,0% од граѓаните дарувале (пари или добра) во добротворни цели во последните 12 месеци. Во 2010 година овој процент изнесувал 65,2 %. Во оваа ситуација единствено охрабрувачки е високиот процент на граѓани (61,3 %) кои иако не дарувале, спремни се тоа да го направат. Граѓаните најмногу даруваат за хуманитарни цели.

Анкетата ја спроведе агенцијата М-Проспект во ноември 2021 година, на репрезентативен примерок од 1.007 испитаници. 

 

Google translate

Na ndiqni

RSSTwitterFacebookYouTubeScribd

Проекти

Кодекс за граѓански организации

 

Civica Mobilitas

Отчетни ГО

Граѓански ресурсен центар

 

СЕЛДИ

Се наоѓаш тука  : Fillimi Lajme dhe opinioni Lajme Пораст кај здружувањето, пад кај непартиските активности – граѓаните сé уште ја сметаат државата за одговорна за општествените проблеми