Институција со високи амбиции: Комисијата за антидискриминација јакне и се поврзува со телата за еднаквост во Лондон и Белфаст |
E enjte, 20 tetor 2022 15:16 | |||
Од 27 септември до 6 октомври 2022 година, претставници на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) заедно со Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и Центарот за управување со промени (ЦУП) учествуваа на студиска посета за размена на знаење и искуство со телата за еднаквост во Лондон и Белфаст. Вкупно десет претставници на КСЗД и пет претставници на граѓанските организации имаа шанса да се запознаат во детали со работата на различните тела и да слушнат предавања од претставници на академијата и граѓанското општество. Сесиите кои се реализираа во Лондон беа посветени на работата на Комисијата за човекови права на Шкотска, Комисијата за еднаквост и човекови права на Англија, Велс и Шкотска, Канцеларијата на Владата за еднаквост и Парламентарниот комитет за жени и еднаквост на Обединетото кралство. Учесниците го проследија и предавањето од професорката Рејчел Мурај од Универзитетот од Бристол на тема човекови права и Џон Пејџ од тинк-тенкот „Runnymede“. „Студиската посета во Лондон и Белфаст беше одлична можност за размена на знаења со институции кои веќе имаат изградено организациски капацитети за промоција на еднаквоста“, истакна Кире Василев, претседател на КСЗД. „Преку размената на искуствата дојдовме до заклучок дека сите предизвици со кои моментално се соочува Комисијата се вообичаени за ново формирано тело за еднаквост, и дека предизвиците се решливи со внимателно стратешко планирање,“ додаде тој. Учесниците за време на сесиите правеа паралели со обемот на работа на македонската комисија за спречување и заштита од дискриминација и факторите кои влијаат врз ефикасното и квалитетно работење. Заеднички констатација беше дека независноста е она што мора да ги одликува сите тела за еднаквост. Клучно прашање во дискусијата беше и мерењето на влијанието на работата на телата за еднаквоста во општеството. Иако со различни законски овластувања и различен регулаторен пристап во борбата со дискриминацијата, телата за еднаквост имаат слични пристапи во однос на промоцијата на еднаквоста и превенцијата од дискриминација во секторите на образование, вработување, пристап до права и услуги и сл. Бидејќи општествената промена во еднаквоста и недискриминација не може да се случи само со правни мерки потребно е креирање на инструменти и политики кои на телата за еднаквост ќе има дадат поголема улога и повеќе ресурси за спречување на системската дискриминација и нееднаквиот третман пред да се направат трајни негативни последици за граѓаните. Проф. Муреј ја истакна превентивната и корективната улога на телата за еднаквост и зборуваше за нивно вклучувањето во системот на известување за различните декларации и договори за човекови права на Обединетите нации. Телата за еднаквост треба да придонесат со свои независни извештаи за реализирањето на човековите права во земјата. Креирање извештаи во сенка се инструмент кон кој КСЗД треба да се приклучи и го фокусира своето внимание на неколку важни прашања наместо на известување за сите делови од тие договори. Членовите на македонската делегација се запознаа со процесите на градење на по-еднаква Британија од призмата на граѓанското општество. Џон Пејџ од тинк-тенкот „Runnymede“ најпрво ги истакна факторите кои придонесуваат кон поделби во британското општество како што е влијанието на културните војни, расизмот и нееднаквиот пристап до можности. Особено ја истакна политичката поделба на општеството по Брегзит и системската дискриминација во низа области. Тој зборуваше и за активностите кои ги преземаат и партнерствата кои ги градат за да обезбедат напредок во расната еднаквост во Британија. Нивните истражувања и интервенции се едни од водечките во Британија и насочени за кон носителите на одлуки, практичарите и граѓаните на национално и локално ниво . Тие нудат информации за влијанието на расизмот и систематската дискриминација за напредокот на општеството. Сесиите кои се реализираа во Белфаст ја опфатија работата на Комисијата за еднаквост на Северна Ирска, Владината канцеларија за еднаквост на Северна Ирска и граѓанското општество. Извршната директорка др. Евелин Колинс опширно зборуваше за внатрешното добро управување како основа за успешна работа во се што прави Комисијата. Таа истакна дека како тело кое користи јавни пари многу е важно да се креира работна култура каде сите вработени во Комисијата и нејзините комесари се водат од основните начела за несебичност, интегритет, објективност, отчетност, отвореност, чесност и лидерство кои ги составуваат седумте принципи за работа во јавниот сектор во Северна Ирска. За да ги исполни овие принципи Комисијата има воспоставено повеќегодишна стратешка рамка, системи за внатрешни контроли за финансиските и процедурите за општо управување и континуирано ги следни перформансите на различните тимови во Комисијата. Секој комесар кога ќе стане дел од Комисијата е должен да потпише „Кодекс на однесување за комесари“ каде во детали се пропишува бараното однесување и се објаснуваат очекувањата за нејзините/неговите постапки во рамки на Комисијата и јавниот живот. На сесијата со претставниците на Комисијата во Белфаст се зборуваше за уредување на внатрешните политики за давање правен совет и застапување пред судовите за граѓаните кои се обраќаат за помош во телата за еднаквост. Поставување јасни критериуми за избор на случаи кои ќе бидат застапувани пред судовите игра важна улога во правилно и ефикасно користење на ограничените човечки и финансиски ресурси со кои располагаат телата за еднаквост. Состаноците овозможија да се направат споредби помеѓу поделеноста на македонското општество и поделеноста на општеството на Северна Ирска по етничка и религиозна основа. Се зборуваше и за потребата од позитивни дискриминирачки мерки за вклучување на различните категории граѓани во полициската и државна служба во Северна Ирска но и нивното ограничено времетраење и бенефит во општеството. За Николина Тошанова, генерална секретарка во КСЗД студиската посета била многу корисна затоа што овозможила да се види како и на кои принципи работат институциите задолжени за еднаквост. „КСЗД треба повеќе да се насочи кон препознавање и спречување на дискриминацијата преку идентификување на бариерите , што не значи дека не треба да постапува по претставки, туку повеќе кон спречување и оневозможување на дискриминацијата. Ова подразбира учество во креирање на закони и политики во сите сфери. Од аспект на администрацијата, очигледна е посветеноста за поддржување и градење на стручна и професионална служба, а од аспект на комесарите, градење и одржување на имиџ кој во целост ќе ја отслика нивната посветеност на ова поле“, смета таа. Студиската посета овозможи зајакнување на институционалната поставеност на КСЗД која треба да придонесе за континуирани размени и вмрежување со телата за еднаквост во Британија за прашања на развој на политики за унапредување на правата на граѓаните и борбата против дискриминација. Успешното реализирање на програмата беше воспоставено благодарение на синергијата на двата проекта кои во овој дел споделуваа заеднички интереси и активности. Програмата ја креираше „Public Administration International“, а финансиски ја подржа Европската Унија преку проектот „Комисијата за антидискриминација ја остварува својата превентивна и заштитна улога“ како и преку Британската амбасада во Скопје преку проектот „Борба против дискриминација преку поддршка на КСЗД“.
|