Економијата и образованието добиле средна оценка 2,3 |
E mërkurë, 07 prill 2021 12:56 | |||
Средната оценка за економските мерки на Владата е 2,3. Мнозинство од 66,5% ги оцениле мерките со 2 или 3 на скала од 1 до 5. Резултатите покажуваат дека најголем број граѓани се за некој вид полуотворена економија. Меѓу двата екстрема: „да се воведат рестрикции и затворање затоа што здравјето мора да се заштити“ и „економијата треба да остане отворена без никакви рестрикции“, мнозинство од 57,7%, на скала од 1 до 7 најчесто ги одбирале скалилата 3,4 и 5. Ова го покажа последното истражување на МЦСМ „Ковид-19 – една година стравови, очекувања и желби за враќање во ‘нормала’“ спроведено од агенцијата М-Проспект во периодот од 12 до 17 март 2021 година на национален репрезентативен примерок од 1003 испитаници. Пандемијата не ги загрозила значајно работните места. Вкупно 7,1% останале без работа, додека 44,1% ги задржале своите позиции. Што се однесува до платите на работниците, кај околу две третини немало намалување. Првите пет најпогодени сектори од кризата се: сите сектори, угостителството, приватниот сектор, економијата и туризмот. Средната оценка која испитаниците му ја дале на образовниот процес за учебната 2020/2021 година е 2,3. Речиси една четвртина (23,3%) го оцениле образовниот процес со незадоволителен 1, а само 2,7% од нив сметаат дека е одличен. Мнозинството на испитаници (60,7%) сметаат дека Министерството нема план за новата учебна година за одвивање на наставата со физичко присуство. Истражувањето покажа дека има влошување во односите во семејството во однос на претходната година. Иако мнозинство (58,6%) сметаат дека односите во нивното семејство останале исти, има намалување во однос на претходната година кога овој процент бил 71,0%. Околу една третина понекогаш или често чувствувале вознемиреност (37,3), страв (35,0%), лутина (34,1%), осаменост (32,7%) или тага (29,0). Овие чувства се поизразени сега, во споредба со претходната година. Исто така, поизразени се кај жените. Мнозинство од граѓаните (62,0%) сметаат дека не се случиле промени во нивното ментално здравје. Граѓаните следат новости за пандемијата еднаш или повеќе пати на ден (70,1). Иако висок, овој процент покажува пад за околу 10 процентни поени во следењето на новости во однос на претходната година. Речиси две третини од испитаниците (64,4%) сметаат дека информациите се конфликтни и не може да изградат јасна слика за вирусот.
|