ОК2015- систем за управување со квалитет на граѓански организации во Хрватска |
E premte, 29 janar 2021 13:37 | |||
На 20 јануари 2021 г., преку онлајн платформата ЗООМ, се одржа работилница на која беше презентиран механизмот за саморегулација на граѓански организации во Хрватска, наречен ОК2015.
Слаѓана Новота од организацијата СМАРТ и една од авторите и спроведувачите на хрватскиот систем за саморегулација, на учесниците им го пренесе искуството за предизвиците со кои се соочиле при воспоставување на овој механизам и нивното надминување. Зборувајќи за Водичот за ОК2015 и основните принципи на кои тој се базира таа рече дека станува збор за „минимум стандарди и придружни критериуми кои било кое здружение може да ги исполни, а пред се подразбира работа во согласност со пропишаните законски одредби“. Во текот на работилницата, учесниците имаа можност, во помали групи, да дискутираат за содржината на идниот документ за регулирање на отчетноста и транспарентноста на граѓанските организации во Македонија. Областите како што се: организацискиот развој, вредностите и основните принципи кои треба да бидат вклучени во овој документ, начинот на кој овој документ ќе се формулира, развива и промовира, како и начинот на кои ќе се следи неговото почитување од страна на организациите се прашањата на кои претставниците на граѓанскиот сектор во Македонија ќе треба активно да работат во периодот кој следи. Оваа работилница е дел од активностите кои ги спроведува МЦМС, преку програмата „Одржливо граѓанско општество- државно финансирање за граѓански организации“. Еден од очекуваните резултати од овие активности е воспоставување и функционирање на Мрежа за транспарентност и отчетност на граѓанските организации и Етички кодекс. Програмата „Одржливо граѓанско општество–државно финансирање на граѓански организации“ финансирана од Европската Унија.
|