Мотивирање нови генерации волонтери од Штип |
E martë, 25 shkurt 2020 17:22 | |||
Граѓанскиот ресурсен центар во Штип по втор пат беше домаќин на интерактивна средба со учениците од локалните основни училишта. На работилницата „Волонтирањето – можност да придонесам во мојата средина“ учествуваа 20 ученици од штипските училишта „Гоце Делчев“, „Ванчо Прке“ и „Славејко Арсов“, кои се воедно претставници на Ученичките парламенти од осмо и деветто одделение. Учесниците ги научија карактеристиките на волонтерството, размислуваа за тоа како преку волонтирањето можат да придонесат во својата средина и самите беа охрабрени да станат волонтери. Оваа средба беше и одлична основа за понатамошна поблиска соработка и дружење меѓу трите училишта. Преку работа во групи, тие имаа можност да разменат искуства со нивните врсници од останатите училишта, заеднички да дискутираат за идеи и да пробаат да ги остварат. Групите кои работеа на осмислување волонтерски акции ги презентираа нивните идеи кои опфатија еколошка акција за чистење на центарот од градот; хуманитарна акција за прибирање и дистрибуирање на храна, вода и облека до социјално загрозени семејства; како и организирање хуманитарен концерт за прибирање средства и донирање на истите на средното училиште за деца со попречености „Искра“. Оваа работилница е на некој начин дополнување на предновогодишната средба „Граѓанскиот активизам и волонтерството во функција на заштитата на животната средина“ со што се опфатија ученици од сите централни основни училишта во Штип и Карбинци.
|