Од план за комуникација до поголема видливост на 14 организации |
E enjte, 24 janar 2019 16:37 | |||
„Ние како организации го стекнуваме легитимитетот преку нашите резултати и затоа е потребно нив да ги распространиме до што поголем број луѓе. Единствено вака, ние можеме да се претставиме како легитимен и доверлив партнер на граѓаните по одредено прашање.“ Со овие зборови Гонце Јаковлеска, експерт за комуникации и односи со јавност во МЦМС, ја започна обуката за видливост и презентирање на резултатите на граѓанските организации. Нови 14 граѓански активисти се усовршија во полето на комуникациите. Тие научија да ги сегментираат целните публики и преку работа во групи вежбаа како да ги користат алатките за комуникација со јавноста, а исто така ги испробаа и надградија нивните презентациски вештини. Учесниците беа задоволни од текот на обуката и понудената содржина. Како најкорисно го издвоија знаењето добиено за прилагодување на содржините на различните социјални медиуми, како и сите презентирани алатки за мултимедијален приказ на информациите. Заедно со Борис Ристовски, експерт за интернет присуство во МЦМС, се усовршија во креирањето содржини за веб и социјални медиуми преку бројните достапни алатки. Посебно внимание се посвети на анализата на интернет присуството на организациите чии претставници учествуваа на обуката. Тие добија фидбек и насоки за понатамошно подобрување на нивната видливост. На крајот од обуката се дискутираше за развојот на комуникациската стратегија како алатка за врамување и планирање на активностите на една организација Оваа обука се одржа на 22 и 23 јануари и е дел од низата обуки кои ги организира Граѓанскиот ресурсен центар, проект финансиран од Европската Унија а спроведуван од Македонски центар за меѓународна соработка во партнерство со Асоцијација за демократски иницијативи од Гостивар и Медиа плус од Штип.
|