Усвоена новата Стратегија на МЦМС |
E enjte, 28 dhjetor 2017 14:03 | |||
Советот на МЦМС, на својата втора редовна седница одржана на 27 декември 2017 година, го усвои новиот стратешки документ за периодот 2017-2021 година. Пред членовите на Советот, документот го презентираше Александар Кржаловски, прв извршен директор на МЦМС. Тој истакна дека во него се реафирмирани визијата и мисијата на организацијата и редефинирани долгорочните цели кои сега гласат: Вкоренето и влијателно граѓанско општество; Добро владеење и борба против корупцијата; Социјална инклузија и кохезија, Поддржан процес на евроинтеграција и Подготвеност за миграциските предизвици. Покрај овие пет програмски цели, МЦМС ги задржа и организациските: МЦМС – независна организација со кредибилитет – тивок но видлив поврзувач и МЦМС – атрактивна и иновативна организација. Членовите на Советот се интересираа за тоа дали МЦМС ќе продолжи да работи на зголемување на државното финансирање и дали планира да учествува во работните тела што ги формира новата Влада; дали во документот е направено поврзување со Целите за одржлив развој на Обединетите нации; дали ќе продолжи да работи со верските заедници и дали МЦМС одлучил што нема да работи во насока на намалување на конкуренцијата и координација со другите организации. Во врска со дилемата: МЦМС гласен актер или тивок поврзувач, дел од присутните сметаа дека тоа треба да се одлучи во зависност од ситуацијата и дека не може да се генерализира. Со две интервенции кои се однесуваа на поексплицитно спомнување на црквите и верските заедници и поврзаноста на долгорочните цели со тие на ООН, новата Стратегија беше усвоена едногласно. На донесувањето на Стратегијата и претходеше процес на надворешна оценка и неколку работилници со вработените и со членовите на Управниот одбор.
|