Новите акциски грантисти ќе бидат познати во април |
E mërkurë, 15 mars 2017 09:48 | |||
Заврши проверката на административната усогласеност и подобност на пријавите поднесени на третиот повик за акциски грантови на Цивика мобилитас. Се очекува добитниците да бидат познати кон средината на април, по што ќе бидат известени сите пријавени организации и ќе бидат склучени договорите. На третиот повик за акциски грантови пристигнаа вкупно 72 пријави. Две третини од апликантите се регистрирани во скопскиот регион, по пет има од полошкиот, пелагонискиот и североисточниот регион, по три од источниот и југозападниот, додека по два има од вардарскиот и југоисточниот регион. Пријавените се активни во над 15 различни сектори, а на поголем дел од нив примарни сектори им се граѓанското општество, културата, децата, младите и студентите и образованието и науката. Најголем дел од организациите се активни на национално ниво (70 %). Дел од организациите дејствуваат во рурални средини. Меѓу пријавените има организации кои дејствуваат помалку од една година, но и такви кои се активни над 25 години. Ова беше последен повик за големи грантови до крајот на спроведувањето на Цивика мобилитас. До сега се спроведоа вкупно осум повици за институционални, акциски и специфични акциски грантови. Беа доделени 75 гранта, а со изборот на грантисти на овој трет повик, вкупниот број на големи грантови ќе ја достигне критичната маса од 100 поддржани граѓански организации. Досега на повиците во Цивика мобилитас аплицирале над 500 различни граѓански организации, научно-истражувачки установи, медиуми или пак неформални групи граѓани, активни во сите региони и сектори, од локално до меѓународно ниво, од рурални до урбани средини, штотуку формирани и организации кои дејствуваат по неколку децении. Големиот број пријави на сите повици е одраз на потребите на граѓанските организации, но и на нивната инвентивност за развивање проектни идеи. Разноличноста на пријавените и добитниците на грантови ја покажуваат структурата на граѓанското општество и отвореноста на Цивика мобилитас да му излезе во пресрет на целиот тој дивезитет.
|