Преку новите медиуми до подобра презентација во јавноста |
E premte, 27 shkurt 2015 00:00 | |||
Претставници на седум граѓански организации учествуваа на работилницата „Односи со јавноста и социјални медиуми за граѓански организации“, што ја организираше македонската канцеларија на проектот ТАКСО, а ја спроведе МЦМС во периодот од 23 до 26 февруари 2015 година во Маврово. Речиси сите присутни граѓански организации биле опфатени со претходните планови за јакнење на капацитетите што ги организирала ТАКСО. Затоа, на почетокот беше направен преглед и оценка на спроведувањето на комуникациските стратегии. Организациите презентираа дел од своите добри практики во односите со јавноста, па заедно со обучувачите и колегите од другите организации дискутираа за предизвиците при спроведувањето и за можностите за подобрување. Во вториот дел од обуката учесниците имаа можност да ги подобрат своите знаења и вештини во користењето на новите медиуми. Се зборуваше за веб страните како основа на која се надградуваат другите медиуми, за тоа како треба да изгледаат текстовите создадени за на веб, а како оние кои се поставуваат на социјалните мрежи. Учесниците разговараа за интегрираното објавување и за кампањите кои можат да се водат на социјалните мрежи. Беше укажано на тоа како треба да изгледа добро структурирана веб страна и за што треба да се води сметка кога се планира. Учесниците ги споделија своите искуства и поразговараа за тоа што може да се подобри во нивната презентација. Благодарение на интерактивноста на работилницата, учесниците имаа можност преку вежби да практикуваат дел од содржините за кои се разговараше. Тие креираат текст за веб страна, го прилагодија за употреба на социјалните мрежи и подготвија план за кампања за одбрана активност. На работилницата присуствуваа претставници од Институтот за човекови права, Здружението СОЛЕМ, Здружението на преведувачи, Локалната агенција за развој од Струга, Бизнис конфедерацијата на Македонија, Првата детска амбасада на светот „Меѓаши“, Институтот за европски политики и Асоцијацијата Иницијатива за социјална промена ИнСоК. Работилницата ја водеа Гонце Јаковлеска и Борис Ристовски од МЦМС кој од октомври 2014 година е ресурсен центар на ТАКСО.
|