МЦМС е новиот ТАКСО ресурсен центар |
E premte, 28 nëntor 2014 13:09 | |||
Во текот на октомври 2014 година МЦМС и СИПУ од Шведска склучија договор за партнерство со кој МЦМС ќе функционира како ресурсен центар за Македонија, во рамките на ЕУ проектот ТАКСО (Техничка поддршка за граѓанските организации) кој СИПУ го реководи на регионално ниво (Западен Балкан и Турција). Договорот се однесува на следните три години и ќе трае до август 2017 година. Вкупниот буџет изнесува 195.000 евра. Главната цел на ТАКСО е да ги зголеми и подобри капацитетите и активностите на граѓанските организации (ГО) како и да ја зајакне нивната улогата во партиципативната демократија. Еден од главните предизвици во оваа фаза ќе биде развивањето организациски и финансиски услови за продолжување на испораките на услугите од ТАКСО на национално ниво по август 2017 година кога ќе заврши поддршката за проектот. Четирите клучни области каде ќе се одвиваат активностите се: 1) понатамошно зајакнување на капацитетите на граѓанското општество и улогата во националната демократизација и во процесот на пристапување; 2) зголемување на комуникацијата и видливоста на придонесите на граѓанското општество за општеството во целина; 3) поддршка во откривањето на нови стратегии и пристапи за мобилизација на ресурси кои се потребни за да се обезбеди развој и одржливост на граѓанското општество и, 4) подобрување на законската и институционалната рамка за активностите на граѓанското општество. МЦМС веќе обезбеди канцелариски простор за персоналот на ТАКСО, а дел од договорот е и советодавна поддршка од постариот персонал на МЦМС, воспоставување на услуги за поддршка на ГО (help desk), обуки за ГО, настани, поддршка во обезбедување видливост на ГО, организирање на состаноците на Локалната акциска група, учество во регионалните настани и состаноци и интегрирање на ресурсните материјали на ТАКСО и МЦМС. МЦМС се пријави за оваа улога на отворениот повик на ТАКСО во април оваа година, а беше избран во процес на темелна оценка на капацитети на апликантите од страна на членовите на Комитетот за оценка и дополнителна оценка направена од независен експерт.
|