Македонска Каменица и Делчево ги добија новите возила за комунален отпад |
E martë, 30 shtator 2014 00:00 | |||
На 25 септември 2014 година, на плоштадот во Македонска Каменица, амбасадорот на Швајцарија во Македонија, неговата екселенција Стефано Лазарото им ги предаде на градоначалниците на Македонска Каменица, Дарко Митевски и на Делчево, Дарко Шехтански клучевите од двете нови возила за собирање на комунален смет. Двајцата градоначалници изразија задоволство од успешно завршениот проект. „Ова за нас како општина беше ново и многу позитивно искуство“, рече во своето обраќање градоначалникот на Македонска Каменица. „Приоритетите на граѓаните се и приоритети на општината. Затоа, по ова искуство, ние решивме форумите во заедницата да ги ставиме во нашиот статут како една од формите на граѓанско учество“, додаде тој. За градоначалникот на Делчево ова се резултати со кои можат да се гордеат и општините и граѓаните. „Набавката на новите возила ќе придонесе да се подобри квалитетот на живот на граѓаните“, истакна тој. Амбасадорот Лазарото се заблагодари за топлиот прием и за посветеноста и на граѓаните и на општините во спроведувањето на овој проект. „Консултирањето на граѓаните во носењето одлуки е дел од демократскиот процес. Особено ми е драго што овој проект е насочен кон зачувување на животната средина“, додаде тој. Набавката на возилата е дел од програмата Форуми во задницата што двете општини, со поддршка на МЦМС, ја спроведуваа во периодот од февруари 2013 до септември 2014 година. Вкупниот буџет на проектот изнесуваше околу 7,9 милиони денари, а средствата се обезбедени од Швајцарската агенција за развој и буџетите на двете општини.
|