Успешна соработка на општина Битола и граѓанските организации |
E premte, 27 prill 2012 15:16 | |||
На 25 април 2012 Македонски центар за меѓународна соработка (МЦМС) во соработка со општина Битола организираше промоција на „Стратегија на општина Битола за соработка со граѓанските организации и негов постојан развој (2012-2015)“. Стратегијата е резултат на повеќемесечна заедничка успешна работа на општина Битола и граѓанските организации. Процесот на подготовка на стратегијата беше воден од МЦМС како дел од проектот „Граѓански дијалог на локално ниво“, спроведуван од МЦМС, а финансиски поддржан од Европската Унија преку Инструментот за демократија и човекови права (ЕИДХР). Присутните претставници на општината и граѓанските организации ги поздрави Емина Нурединоска, раководител на одделението за граѓанско општество во МЦМС и им се заблагодари на нивната посветеноста во текот на подготовка на Стратегијата со која што општина Битола стана една од првите општини во која е донесен ваков стратешки документ. Таа го истакна квалитетот на Стратегијата и напредните мерки со кои општина Битола е пример за проактивност во развивањето на соработка со граѓанските организации. М-р Владимир Талески, градоначалник на општина Битола го поздрави донесување на документот со кој што општината уште еднаш го потврди своето залагање да придонесе кон континуиран развој на граѓанскиот сектор. Според него, Стратегијата е врамување на долгорочната успешна соработка и поттик за уште позначајни заеднички зафати во иднина. Тој ја истакна важноста на Стратегијата во однос на одржливоста на граѓанскиот сектор преку финансирање и кофинансирање на проекти на граѓански организации кои се од интерес и важноста на општина Битола. Во таа насока ги повика граѓанските организации да предлагаат свои идеи и иновативни проекти. Виолета Налевска, советник за ЛЕР во општината даде краток осврт на Стратегијата и ги претстави стратешки цели, резултати и активности предвидени во акцискиот план. На крајот, Горѓи Јошевски од Форумот на граѓански организации го претстави граѓанскиот сектор во Битола и ја истакна важноста за донесување на ваков стратешки документ.
|