Борбата против корупцијата – предизвик за сите земји од Западен Балкан - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Борбата против корупцијата – предизвик за сите земји од Западен Балкан PDF Печати Е-пошта
Сабота, 01 октомври 2022 09:19

Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), Центарот за современа политика и Регионалната мрежа за антикорупција СЕЛДИ, на 26 септември 2022г., го одржаа регионалниот форум: „Добро владеење и антикорупција во Југоисточна Европа во време на геополитичка неизвесност“.

308189842 461788399314742 3726791225236966681 n

Во воведната сесија беше  речено дека иако европската интеграција на регионот на Западен Балкан трае повеќе од две децении, корупцијата сè уште продира во сите сфери на општествата во регионот. 

Амбасадорот на ЕУ во Србија Емануеле Џиуфрет истакна дека борбата против корупцијата е клучното прашање за граѓаните, за бизнисите и за ЕУ. Тој посочи дека владеењето на правото и борбата против корупцијата се во сржта на процесот на пристапување во ЕУ. 

Дополнително Кристофер Хил, амбасадор на Соединетите Американски Држави во Србија, истакна дека САД и ЕУ имаат сличен став за важноста на борбата против корупцијата во овој регион.  Според Хил, најдобриот начин за заштита на демократиите и борба против корупцијата е да се информираат граѓаните како да ги следат и прогласуваат случаите на корупција.

 Заменик-раководителката на единицата Д1 (Западен Балкан и регионална стратегија) во ГД НЕАД Ана Везироглу за време на конференцијата истакна дека борбата против корупцијата и борбата за човекови права се меѓусебно поврзани. Таа оцени дека ЕУ активно ги поддржува универзалните човекови права, кои вклучуваат борба против корупцијата, но и други реформи како што е реформата на јавната администрација. Според Везироглу, фокусот на Европската унија на овие прашања во регионот на Западен Балкан е силен. 

Програмскиот директор на Центарот за современа политика, Немања Тодоровиќ Штиплија, рече дека високото ниво на корупција во регионот води до заробена држава. 

Директорот на МЦМС, Александар Кржаловски, истакна дека евроинтеграциите се еден од главните мотиватори за борба против корупцијата во регионот, но дека примерот на Србија и Црна Гора покажал дека кога има ќор-сокак во преговорите, постои помала политичка волја за борба против корупцијата.

На форумот беа презентирани главните наоди од Регионалниот извештај за антикорупција Геополитика, заробување на државата и врвна корупција: Што е следно за антикорупцијата во Западен Балкан. 

Говорниците истакнаа дека корупцијата не запира со пристапувањето во ЕУ, а посилен фокус на политиката треба да се стави на спротивставување на заробените држави и незаконските финансиски текови. На ниво на ЕУ и на меѓународните проценки се препорачува да се измери вистинското влијание на антикорупциските политики, а не само наведените намери или бројот на ажурирани закони и регулативи. Зголемената закана од стабилитократија во регионот може да се спречи со прекин на толеранцијата на ЕУ кон корумпираните влади. Доловувањето на медиумите може да се реши со градење на долгорочна отпорност на дезинформации, постојано разоткривање на лажните вести и зголемување на довербата во јавните институции. Ефикасноста на судството, исто така, треба да се подобри со зголемување на капацитетот на луѓето со интегритет како судии и обвинители и создавање на средина без политички притисок. 

Како заклучок, учесниците препорачаа дизајнирање на нови антикорупциски пристапи кои се насочени кон иднината, кои предвидуваат нови области на ранливости на корупцијата, како што се употребата на криптовалути и блокчејн трансакции.

На регионалниот форум на СЕЛДИ учествуваа повеќе од 100 експерти, претставници од државни институции, го, медиуми од регионот и пошироко и истите имаа можност да го следат форумот во живо и онлајн преку видео стриминг. 

Погледнете ги сесиите и форумот во целост.

Форумот е дел од проектот „Граѓанско општество за добро владеење и антикорупција во Југоисточна Европа: градење на капацитети за мониторинг, застапување и подигање на јавната свест“, финансиски поддржан од Европската Унија.

 
Се наоѓаш тука  : Почетна Вести и јавност Вести Борбата против корупцијата – предизвик за сите земји од Западен Балкан