Нема решенија за Роми без нивно учество! - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Нема решенија за Роми без нивно учество! PDF Печати Е-пошта
Среда, 20 ноември 2013 16:47

МЦМС, општината Шуто Оризари и Ромскиот деловен информативен центар денес (19 ноември 2013 година) ја организираа Конференцијата за употребата на фондовите за Роми и Осмиот ромски економски бизнис форум.

nema reshenija za romi bez nivno uchestvo-1

Постојат многу можности, програмирани средства како и владини програми кои можат да се употребат за ромската заедница. За жал, реализацијата е бавна и средствата не се користат доволно од страна на Ромите. Кај оние кои се користат, дискутабилно е дали завршуваат во ромската заедница. Ова беа дел од заклучоците на Конференцијата и бизнис форумот. Од дискусиите се издвоија повеќе препораки. Потребна е поголема вклученост на Ромите во програмирањето на средствата, подобрување на конкурентноста и соработка на граѓанските организации и што е можно посистематско учество во буџетот на државата. Освен тоа, на претприемачите на локално ниво им се потребни олеснувања од страна на локалната самоуправа.

На отворањето на Конференцијата на присутните им се обратија Фатмир Бесими, заменик на претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Роберт Лидел од Делегацијата на Европската Унија, Ибрахим Ибрахими, заменик министер за труд и социјална политика и Срѓан Шајн, пратеник во Собранието на Република Србија.

„Македонија е земја која ја поддржа и е дел од Декадата на Ромите“, истакна Бесими и потсети на она што е програмирано во ИПА фондовите за Ромите како и на поддржаните проекти.  „Поддршката за Македонија од ЕУ е околу 100 милиони евра годишно“, рече Роберт Лидел, „или околу 2% од државниот буџет. Еден дел од тие средства се наменети за Ромите“, додаде тој.

На Конференцијата се зборуваше за финансирањето на проектите наменети за ромската заедница со помош на Инструментот за претпристапна помош (ИПА), но и за употребата на другите достапни фондови вклучително и Буџетот на РМ. Беше дискутирана вклученоста на општините во програмирањето на ИПА како и капацитетот и улогата на ромските организации во тој процес, не само во Македонија туку и во регионот и во ЕУ.

„Потребна е поголема координација на ромските граѓански организации, поголемо учество на Ромите во процесот на програмирање на фондовите и поголем фокус на државниот буџет“, истакна во своето излагање Александар Кржаловски, првиот извршен директор на МЦМС. Заменик министерот за труд и социјална политика Ибрахими истакна дека се направени големи чекори за ромската заедница, но дека се уште има простор за нови активности. Според него, потребно е што поголемо вклучување на Ромите во активните мерки за вработување. „Ромите треба да прифаќаат работа наместо социјална помош“, истакна тој, „тоа е еден од начините да се излезе од сиромаштијата“.

nema reshenija za romi bez nivno uchestvo-2

За Надир Реџепи, раководител на проект во Фондацијата Отворено општество во Будимпешта потребен е поголем фокус на малите претпријатија. Според него, наскоро ќе бидат ставени на располагање осум милијарди евра на европско ниво наменети за вработување на младите. „Ромите треба да се организираат и да искористат дел од овие фондови“, рече тој. За Реџепи, излезот е во јакнењето на човечките ресурси. „Фондови има, може и премногу, но нашата ефикасност мора да биде поголема. Потребни се нови содржини, нови идеи и поголема одговорност од сите“, рече Реџепи.

Во вториот дел фокусот беше ставен на социјалното претприемништво и на можноста социјалните претпријатија да ги вклучат Ромите кои се на пазарот на трудот. Ивана Стошиќ директор на бизнис инкубатор од Врање, ги сподели искуствата за бизнис инкубаторот кој функционира од 2006 година и веќе дава резултати. Зборуваше и градоначалникот на општината Шуто Оризари, за можностите за бизнис и перспективите на општината во тој поглед.

На присутните им се обрати и претседателот на Меѓународната унија на Ромите, Дорин Чаба од Романија. „Среќни сте што имате претставници во Собранието и Владата,“ им рече тој на своите колеги од Македонија, „треба да не научите и нас како да го постигнеме тоа“.

Целта на настанот беше да се  даде придонес во дефинирањето на следниот програмски период за ИПА 2 за периодот 2014-2020 година и да се актуелизира прашањето на интегрирањето на Ромите, особено на економското интегрирање.

Конференцијата е дел од иницијативата Да се направи најмногу за Ромите со фондовите на ЕУ на Фондацијата Отворено општество. Иницијативата е активна во девет земји вклучени во Декадата на Ромите, а се спроведува со помош на локални партнери (во Македонија тоа се МЦМС и Инсок).

 

Google translate

Следи нé

FacebookYouTubeTwitterScribdRSS

Се наоѓаш тука  : Почетна Вести и јавност Вести Нема решенија за Роми без нивно учество!