Весниците за меѓуетничките односи |
Автори: Снежана Трпевска, Живко Андрески и Емилија Јаневска Извештајот од истражувањето „Весниците за меѓуетничките односи“ е дел од поширокиот проект кој се реализира низ активноста на Македонскиот центар за меѓународна соработка, со поддршка од Европската агенција за реконструкција и во соорганизација со Здружението на новинарите на Македонија. Во четири дневни весници и еден неделник, две години, од мај 2003 до мај 2005 година, се појавуваше еднаш неделно, страница со истоветни содржини, под наслов „Меѓутоа“, посветена на меѓусебното разбирање на етничките заедници во земјава. Објавените прилози во „Меѓутоа“ беа селектирани од многу поширокиот избор од текстови кои се однесуваа на меѓуетничката проблематика. Овој Извештај содржи анализа на околу 3000 новинарски текстови, објавени во дневните весници „Дневник“, „Вечер“, „Утрински весник“ (на македонски јазик), „Факти“ (на албански јазик) и неделникот „Лоби“ (на албански јазик), објавени во периодот од крајот на јули 2003 до крајот на декември 2004 година. Истражувачкиот тим ја реализираше анализата, и во квантитативна и во квалитативна смисла, според методолошките принципи кои се објаснети во текстот. Резултатите од истражувањето се сопственост на МЦМС. |