Време: Невладините организации ќе помогнат на патот кон ЕУ |
E hënë, 06 dhjetor 2004 01:00 | |||
Македонија ќе влезе во ЕУ кога власта ќе се справи со корупцијата, невработеноста, непотизмот и кога ќе почне да ги почитува законите што сама ги донесува. Државата треба да ги искористи сите можности за што побрз влез во ЕУ, вклучувајќи ги и потенцијалите на невладините организации, рекоа учесниците на завршната сесија на тридневниот Форум на граѓанското општество. Главна цел на Форумот беше да ги обедини невладините организации заеднички да придонесат кон побрзи евроинтеграции. Претставниците на невладините организации нагласија дека власта ја чека многу работа. - Во овие 14 години самостојност граѓаните развија најголема толерантност кон корупцијата. Треба да ја смениме свеста на граѓаните и да покажеме дека некои работи не се нормални иако масовно се случуваат - рече Алберт Муслиу, претседател на Асоцијацијата за демократски иницијативи (АДИ). Граѓанските организации се особено загрижени за корупцијата во високото образование. - Студентите се во незавидна положба. Тие сметаат дека никој не ги казнува корумпираните и затоа ретко пријавуваат корупција на факултетите, се плашат бидејќи сметаат дека нема кој да ги заштити. Што ако има студентски правобранител кога тој е професор - рече Мирјана Најчевска, претседателка на македонскиот Хелсиншки комитет. Таа предупреди дека граѓанските организации премногу се доближуваат до политиката иако не смеат да си го дозволат тоа. Сашо Клековски, извршен директор на МЦМС, смета дека проблемот е во тоа што државата прави стеги, а не ги спроведува. - Стратегиите траат колку што трае министерот. Кога ќе се постави нов министер, тој прави нова стратегија. Така не се решаваат проблемите - рече Клековски. Учесниците се надеваат дека овие работи ќе се променат на подобро штом Македонија ќе го добие статусот на земја-кандидат за влез во ЕУ. С. С. Извор: Време (6.декември.2004)
|