| Поголема отчетност, еднакви права и дијалог за посилно општество |
|
|
|
| E hënë, 29 dhjetor 2025 15:14 | |
|
И во последните месеци од 2025 година, Цивика мобилитас продолжи да отвора простор за дијалог, заштита на човековите права и зајакнување на улогата на граѓанските организации како клучен партнер во креирањето јавни политики. Трите последни стории објавени во октомври, ноември и декември ја прикажуваат динамиката на граѓанскиот сектор – од национално ниво и институционална соработка, до лични приказни за храброст и отпор кон дискриминацијата.
Октомвриската сторија ја отвора темата за јавните финансии и отчетноста, преку пораката дека „штедењето на државно ниво не значи одрекување од трошоци, туку нивно рационализирање и насочување кон политики што создаваат додадена вредност“. Благица Петрески од „Фајнанс Тинк“, ја нагласува важноста од инвестирање во образование, здравство и иновации, особено во услови на инфлација и зголемени животни трошоци, кога граѓаните имаат потреба од точни, проверени и разбирливи информации. Во фокусот на разговорот што го водевме со неа беше дигиталната платформа „Економски компас“, која ги следи владините ветувања и ја поврзува економската политика со реалните приоритети на граѓаните. Сторијата ја истакнува улогата на граѓанскиот надзор во зголемувањето на транспарентноста, довербата и квалитетот на јавните политики, испраќајќи порака дека политичките ветувања не се депозити, туку обврска кон граѓаните. Прочитај ја сторијата „Кога штедењето станува политичка одговорност“.
Во ноември се одржа еден од најголемите настани на Цивика мобилитас – Националниот форум. Годинава, Националниот форум – Саем на граѓанските организации, одржан на 26 ноември во Скопје, ги собра институциите и граѓанското општество околу заедничка цел – поотворено, поодговорно и поинклузивно управување. Преку дебати и панел-дискусии за образование, социјална политика, животна средина, дигитализација, добро владеење, здравство и локална самоуправа, беше истакната улогата на граѓанските организации како коректив, но и како креатор на решенија и јавни политики. Форумот ја потврди важноста на партнерството, довербата и континуираниот дијалог како предуслов за демократски развој и подобар квалитет на живот за граѓаните. Прочитај ја сторијата „Граѓанскиот сектор помага да се затвори јазот меѓу институциите и народот“
Последниот месец од годината беше заокружен со сторија посветена на личните искуства на жени кои со години ја прифаќале дискриминацијата како дел од секојдневието, сè додека преку поддршка од граѓанските организации не научиле дека имаат право на заштита и глас. Приказната ги отвора темите за родова и институционална дискриминација, стравот од пријавување и значењето на информираноста, правната помош и охрабрувањето. Преку конкретни примери, таа покажува дека промената започнува тогаш кога жените ќе препознаат дека неправдата не мора да се трпи и дека постојат механизми и луѓе кои стојат зад нив.
|