Силна КСЗД за похрабри граѓани кои го креваат гласот пред неправдите |
E premte, 30 shtator 2022 13:56 | |||
Комесарите и стручната служба на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) беа дел од повеќе обуки посветени на зајакнување на нивните знаења за превентивните и заштитните механизми од дискриминација. Обуките се одржаа од мај до август оваа година. Една од нив беше обуката за водење прекршочна постапка, легални механизми и судска пракса за заштита од дискриминација. Комесарите и стручната служба имаа прилика да ги продлабочат своите знаења за правото на Европската Унија (ЕУ) како и за правото на Советот на Европа (СЕ) кое се однесува на заштита и спречување од дискриминација. Тие зборуваа за директивите и регулативите на ЕУ за еднакви можности и недискриминација, механизмите на СЕ и нивната меѓусебна поврзаност. Покрај тоа, подетално се запознаа со меѓународните стандарди кои ќе бидат неопходни за надградба на капацитетите поврзани со водење на прекршочните постапки. Посебно внимание беше посветено на суштината на прекршоците опфатени со неколку закони, како и на анализата на законските одредби кои ја регулираат прекршочната постапка за основните стандарди и принципи за фер и правично судење. Учесниците имаа можност да ги обработат кривичните дела од омраза и кривичните дела поврзани со дискриминација, со посебен осврт на инкриминациите поврзани со Истанбулската конвенција, како и со конвенциите за правата на детето и правата на лицата со попреченост. Членовите на КСЗД се запознаа и со деталите на овие кривични дела и начинот на нивно сторување за да можат соодветно да ги препознаваат и да делуваат превентивно на сузбивање на условите на сторување на овие дела. „Знаењето стекнато на обуката ќе го споделам со новите колеги кои доаѓаат во КСЗД или на различни чинители со кои доаѓаме во контакт во својата работа, а кои имаат помалку знаење за (не)дискриминацијата“, рече еден од учесниците. Стручната служба на КСЗД беше дел и од еднодневна обука за подетално запознавање на основите на концептот за (не)дискриминација. Беа презентирани и толкувани позначајните меѓународни стандарди кои се однесуваат на принципите на еднаквост и недискриминација, различните облици на дискриминација кои се регулирани и со домашното право, најчестите основи на дискриминација, како и различните области на заштита според правото на ЕУ и СЕ. Посебен осврт беше ставен на толкувањата на Европската конвенција за човекови права (ЕКЧП), како и на неколку директиви на ЕУ кои се однесуваат на еднаквите можности и недискриминација во различни области, заедно со нивните толкувања во пракса од страна на Европскиот суд на правдата (СПЕУ). Ова е важно за унапредувањето на стручната служба да може јасно да ги препознава принципите за недискриминација во различните области и различните основи и да се унапреди способноста да ги применува во практика овие стандарди. Преку практични вежби учесниците успеаја практично да ги применат стекнатите знаења решавајќи вистински случаи за утврдување на дискриминација, а со тоа и на различните области на заштита од дискриминација и нееднаквост. Вежбите овозможија да се видат и специфичните аспекти на секој од посебните основи за дискриминација. Учесниците самостојно ги идентификуваа различните категории на дискриминација, успеаја да ги препознаат основите на кои е сторена дискриминација, да ги идентификуваат засегнатите страни, како и да утврдат дали и во колкава мера дискриминацијата засега во некое основно човеково право. „Детално ќе ги разгледам случаите кои беа објаснети за време на обуката. Би сакал да ги прочитам во детали судските пресуди на кои се базираа презентираните случаеви“, рече еден од учесниците. Темите за обуките беа избрани од вработените во КСЗД при мапирањето на нивните потреби што се одвиваше во март и април 2022 година. Обуките се дел од проектот „Комисијата за антидискриминација ја извршува својата превентивна и заштитна улога“, спроведуван од МЦМС а финансиски поддржан од Европската Унија.
|