Поттикнување одржлива соработка на граѓанското општество за добро владеење во Југоисточна Европа: што е следно? |
E enjte, 20 janar 2022 11:21 | |||
Граѓанското општество во Југоисточна Европа се соочува со голем број предизвици поврзани со огромно потпирање на надворешни донатори, намалување на граѓанскиот простор и странско влијание, недостаток на отворен пристап до информации од јавен карактер и бази со податоци и премногу формалистичко вклучување во стратешките одлуки. Ова ги спречува ГО и мрежите на ГО да го постигнат својот оптимален потенцијал за застапување и мониторинг. Во исто време, корупцијата и заробувањето на државата опстојуваат и ја загрозуваат економската стабилност и развој на регионот. Со цел да се изнајдат нови и иновативни начини за граѓанските организации да ги здружат силите и да споделуваат експертиза, иницијативата СЕЛДИ организираше онлајн вебинар на 18 јануари 2022 година. На форумот учествуваа експерти и претставници од ГО од целиот свет, вклучувајќи го и Крис Валкер, Заменик претседателот за Студии и Анализи во Меѓународниот форум за демократски студии, Национален фонд за демократија, САД и Војтек Хонс, проект менаџер од Генералниот директорат за европска соседска политика и преговори за проширување во Европска комисија. Учесниците разговараа за најдобрите методи за соработка кои би можеле да доведат до поголемо влијание на граѓанското општество во областите на антикорупција, добро владеење и владеење на правото. Тие, исто така, идентификуваа теми и области од интерес и ефикасен механизам за соработка на ГО-држава кои би можеле заеднички да ги искористат. Говорниците ставија посебен фокус на радикалната трансформација на информацискиот простор кон повеќе дезинформации и дигиталната револуција која понекогаш се користи за цели кои не се во согласност со демократското владеење. Како заклучок, учесниците се согласија дека само мрежи на граѓански организации и истражувачки новинари со комплементарна експертиза и истражувачки методологии, можат да ги следат и анализираат длабински комплексните предизвици на управувањето. Мрежите на ГО, исто така, би можеле да постигнат поголем кредибилитет и влијание на застапувањето со приближување кон креаторите на политики како коалиција. На овој начин ниту една влада нема да се чувствува конкретно таргетирана, а во исто време би имало притисок за промена. Настанот е организиран во рамки на програмата „Граѓанско општество за добро владеење и антикорупција во Југоисточна Европа: Градење на капацитети за мониторинг застапување и подигање на јавната свест (СЕЛДИ)”, која се спроведува од Mрежата за лидерство и интегритет во Југоисточна Европа (СЕЛДИ), чиј координатор е МЦМС. Програмата е финансирана од Европската Унија.
|