Фудбалот против дискриминацијата - кампања поддржана од ФФМ, КСЗД и МЦМС |
E premte, 04 qershor 2021 16:07 | |||
Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) и Mакедонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), денес (4 јуни 2021 година) ја започнаа кампањата со која се промовира еднаквоста, преку зголемување на јавната свест, информирање и едукација. „ФФМ во своето делување е веќе докажана општествено одговорна организација која учествува во бројни кампањи чија цел е создавање подобро општество со еднакви можности за сите. Пандев, Адеми, Елмас и останатите фудбалери станаа синоним за заедништво, пријателство и меѓусебна почит. Како Комисија, сметаме дека во моментот, фудбалската репрезентација на Македонија претставува вистински пример за градење повисока култура на еднаквост и разбирање меѓу сите граѓани во Македонија“, рече во своето обраќање Весна Бендевска, претседател на Комисијата за спречување и заштита од дискриминацијата. Таа истакна дека фудбалерите и покажале на целата јавност дека толеранцијата и еднаквоста водат кон успех и затоа, тие се амбасадори на еднаквоста. „Фудбалот е игра која мора да биде достапна за секого, без оглед на полот, националноста, верската припадност. Дали некој има инвалидитет, каков, од каде доаѓа и како игра, во фудбалот нема место за било каква дискриминација. Нашата игра зближува различни националности и вероисповеди“, рече Муамед Сејдини, претседателот на Фудбалската федерација на Македонија на денешната промоција и истакна: „праќаме силна порака за поддршка на различноста и за давање еднакви можности за сите. Верувам дека сите се стремиме кон целта, а тоа е, да направиме сѐ, после натпреварите да се зборува само за фудбалот. Гласно кажуваме ДА за ЕДНАКВОСТА“, рече Сејдини. „Драго ни е што ФФМ, по примерот на УЕФА (кампања против расизам), се вклучува во вакви кампањи кои јасно ја поддржуваат еднаквоста и се спротивставуваат на дискриминацијата. Нашиот мотив е нашата долгорочна ориентација, да ја подигнеме свесноста на јавноста против секаков вид дискриминација“, рече Александар Кржаловски, директорот на МЦМС на промоцијата. Тој ги потсети присутните на една претходна кампања на МЦМС која се одвиваше под слоганот „Цело е кога има сѐ! „Актуелната фудбалска репрезентација со целата своја различност го оживотворува овој слоган кој зборува доволно за вредностите што ги носи оваа репрезентација“, додаде тој. Кржаловски изрази задоволство од соработката со новиот состав на КСЗД кои всушност ја иницираа оваа кампања но, и од ФФМ кои и покрај сите обврски поврзани со учеството на Европското првенство со ентузијазам се вклучија во подготовката на оваа кампања.
|