Прв информативен состанок на грантистите на Цивика мобилитас |
E hënë, 30 mars 2015 00:00 | |||
На 30 март 2015 година, во МЦМС се одржа првиот информативен состанок со добитниците на институционални грантови од програмата Цивика мобилитас. На состанокот присуствуваа сите 16 прелиминарно избрани организации, добитници на институционални грантови, тимот на Цивика мобилитас и претставник на донаторот, Швајцарската агенција за развој и соработка (СДЦ).
Грантистите беа запознати со пристапот на Цивика мобилитас кој се базира на теоријата на промени. Акцент ќе биде ставен на учењето и споделувањето како основа за растење и зајакнување на организациите кои ќе создадат критична маса која треба да придонесе за општествени промени. „Основната цел на новата фаза на Цивика мобилитас е да се зајакне односот на организациите со граѓаните“, рече во своето обраќање Ибрахим Мехмети, од СДЦ. „Со оваа програма сакаме да ги поддржиме организациите да го прават тоа што веќе го прават, на најдобар можен начин“, додаде тој. Зборувајќи за целите и очекуваните резултати од програмата, претставниците на граѓанските организации побараа повеќе фокус на одржливоста на граѓанските организации и на подобрувањето на овозможувачката околина за нивно функционирање. Беше укажано дека еден од методите што ќе се користи во таканаречената патека на учење ќе бидат и тријадите, односно заедничката соработка на организациите на прашањата за кои ќе имаат ист интерес. Искуството на организациите може да се користи како ресурс во меѓусебното надградување, како и добрите пракси на организациите. Дел од дебатите за важни прашања ќе се одвиваат преку планираните национални и регионални форуми, како и на настаните што ќе ги спроведуваат самите организации. На грантистите им беше презентиран форматот за Работниот план и за Финансискиот план што треба да бидат подготвени во следниот период, а пред потпишувањето на договорите.
|